Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази задоволство од усогласувањето на заедничката изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, која се однесува на договорот за трговија што двете држави ќе го потпишат, а со кој ќе се овозможи подобра економија и повеќе можности за македонската економија.
Со стратешкото партнерство со Велика Британија и Обединетото Кралство, завршувањето на постмониторингот на Советот на Европа и потпишувањето на овој договор со САД, истакна Мицкоски, се заокружува дипломатската офанзива во првите дваесетина месеци од оваа нова Влада, посочувајќи дека станува збор за историски договори.
– Дозволете ми да им честитам на македонските граѓани за онаа убава вест која што на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија што понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонската економија. На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија и Обединетото Кралство, после избришаниот постмониторинг на Советот на Европа, овој трговски договор, којшто ќе биде во рамките на заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата куќа, ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада. И тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава – изјави премиерот Мицкоски, кој од денеска учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција.
Зборувајќи за денешните активности, тој посочи на средбите со високи претставници со компанијата Шварц, една од најголемите во светот и една од најголемите во Германија со годишни приходи од повеќе од 180 милијарди евра, која вработува повеќе од 6.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, меѓу кои и во нашата Македонија.
Вториот состанок како продолжување на оној во Давос, македонската делегација што ја предводи премиерот, како што рече, го имаше со сопственикот на компанијата 4IG и господинот Герерд, кој е веќе присутен во нашата држава како сопственик на лиценца за трет оператор.
– Она коешто е значајно да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании, и компанијата Шварц и компанијата 4IG, планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква област, во сосема поинакво портфолио. Тоа е вештачката интелегенција, дата центрите и енергетиката односно производството на електрична енергија – рече Мицкоски во изјавата за медиумите.
Премиерот и членовите на македонската делегација попладнево присуствуваа на свеченото отворање на 62. Минхенска конференција каде, како што кажа, свое значајно обраќање имал германскиот канцелар Фридрих Мерц, а потоа и средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
– На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и идентитетите на македонските граѓани – рече Мицкоски.
Мицкоски од денеска престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Мицкоски е придружуван од министрите за одбрана, Владо Мисајловски, за надворешна политика и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Во рамките на конференцијата шефот на Владата ќе оствари повеќе билатерални средби со европски лидери, високи претставници и раководители на меѓународни безбедносни институции. Разговорите, како што информираат од Владата, ќе бидат фокусирани на регионалната геополитичка стабилност и улогата на нашата држава како фактор на стабилност на Западен Балкан и активен член на НАТО.
На маргините на Минхенската безбедносна конференција планирани се и средби со високи претставници на Европската Унија, како и со шефови на држави и влади.












