На 19 октомври Орце Ѓорѓиевски ќе биде избран за градоначалник на Град Скопје и првите 72 часа Скопје ќе има генералка од сметот кој што ќе го остават овие што ќе заминат, а потоа следи одговорност. Бидете сигурни дека ќе има одговорност и ќе има име и презиме. Тоа го истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по направениот увид во градежни активности на спортска сала во ОУ „Димитар Поп Беровски“, во Општина Ѓорче Петров.
Прашањето за премиерот денеска гласеше „дали се случува одговорен за екоцидот што му се случува на градот“, но тој не даде одговор. Туку наместо тоа повика „невладините организации да поднесат кривична пријава против него“ бидејќи, како што рече, согласно кривичниот законик екоцид е кривично дело.
На новинарска забелешка оти градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, веќе најави кривична пријава за „Комунална хигиена“ за загрозување на животната средина согласно член 218 од Кривичниот законик, Мицкоски ја повика и новинарката да поднесе кривична пријава.
„Бидејќи вие лоцирате дека јас сум одговорен за овој екоцид ве молам веднаш да поднесете кривична пријава затоа што ако не поднесете кривична пријава тогаш ќе сметам дека е ова шпекулација“, рече Мицкоски.
Тој вели дека грешката што ја направил со поддршката за Данела Арсовска нема да ја повтори, а во одговорот нагласи дека на локалните избори, закажани за 19 октомври, уште во првиот круг ќе победи нивниот кандидат Орце Ѓорѓиевски.
„Чувствувам одговорност што тогаш ја поддржав независната кандидатка. Да, чувствувам. И сум се извинил најмалку 10 пати. И еве повторно ќе кажам, се извинувам што тогаш застанав зад независниот кандидат Данела Арсовска. Затоа, таа грешка нема да ја повториме. На следните избори ќе победи Орце Ѓорѓиевски уште во првиот круг и како што самиот се обврза пред скопјани во првите 72 часа ќе ги засука ракавите и ќе го исчисти од смет градот“, изјави Мицкоски.
Се наврати и на претходниот случај кога градоначалниците од скопските општини се обидоа да се самоорганизираат за чистење на градот, но тогаш беа спречени од раководството на депонијата „Дрисла“, при што дури добија и кривични пријави.
Премиерот најави дека ќе има одговорност за хаосот со ѓубрето и дека процесот што се води ќе има „име и презиме“.
Мицкоски беше прашан и дали Министерството за внатрешни работи спроведува истрага во „Комунална хигиена“ за да се утврди зошто камионите не излегуваат на терен.
„Ние не правиме естрада од ништо, водиме политика што е многу внимателна, процесите што се водат имаат одговорност и на крајот тој процес мора да има име и презиме. Бидете сигурни дека ќе има одговорност и ќе има име и презиме“, додаде Мицкоски.