Мицкоски: Во срцето на Европа се обидуваат да создадат нова нација и јазик!

Во еден од најострите настапи досега, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека македонскиот идентитет и јазик се цел на организиран обид за ревизија, според него, поддржан и од европратеници. Говорејќи за амандманите предложени во Европскиот парламент, Мицкоски ја спореди бугарската политика кон Македонија со руската агресија врз Украина, оценувајќи дека зад дипломатските формулации се крие длабок удар врз националниот идентитет.

989

Во центарот на Европа одредени европарламентарци се обидоа да креираат нова нација и нов јазик во 21 век, изјави македонскиот премиер Христијан Мицкоски, коментирајќи ги случувањата околу амандманите од бугарските европратеници и гласањето на изваештајот за надпредокот на Македонија во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент. Тој повтори дека со ова се покажало дека ниту идентитетот, ниту јазикот е бетониран, за што, како што рече „одредени измамници во политика не убедуваа изминативе три години, без разлика дали се од тука или од надвор“.

– Сето она што го зборувавме од самиот почеток, вчера се потврди во неколку минути. Не е проблем Бугари во Устав, проблемот е нешто друго, а тоа е македонскиот идентитет и македонскиот мајчин јазик. Тоа е суштината на проблемот, нагласи Мицкоски.

Изјави за домашна употреба

Во однос на изјавите кои доаѓаат од официјална Софија, Мискоски рече дека тоа се изјави на бугарските политичари за домашна употреба и тоа е разбирливо.

-Ме прашавте дали е мала победа. Не, за мене е големо разочарување. Затоа што вчера сведочевме како во главниот град на Европа, Брисел, имаше обид од одредени европарламентарци да се креира нова нација и нов јазик во 21 век во Европа. Тоа што тие истите обвинуваат дека Русија прави во Украина со негирање на идентитетот на Украинците, јазикот, вчера одредени европарламентарци се обидоа да му го направат на овој малоуброен македонски народ, да креираат модерна македонска нација која што се служи со модерен македонски јазик. Во прва фаза тоа не помина, изјави Мицкоски.

Тој побара Софија да го почитува тоа што го потпишала, а тоа е Резолуцијата за заштита на човековите права и да го признае македонското малцинство во Бугарија.

–Сите пресуди коишто доаѓаат од Стразбур, а се однесуваат на заштита на човековите права, на македонската заедница во Бугарија, признавање на ОМО Илинден Пирин, аплицирање на тие пресуди, дозволување ОМО Илинден Пирин да функционира како правен субјект и македонски претставник во Министерскиот совет за малцински права. Тоа е тоа. Ако заслужиле таму место другите малцинства во Бугарија, заслужува и малцинството коешто според пописот во 56-та година од минатиот век е убедливо најбројното малцинство со тогашни 200.000 попишани граѓани во тогашна Западна Бугарија, рече Мицкоски.

За очекувањата од седницата на Европскиот парламент, на чиј дневен ред ќе биде извештајот на Вајц, а која треба да се одржи меѓу 7 и 11 јули, Мицкоски рече дека ќе продолжат да се борат.

–Ако таму се договорат мнозинството пратеници дека треба да помине тој амандман, претпоставувам дека можеби ќе помине, тоа што тие го предвидуваат. Но важно вие видовте, виде Европа колку некои политичари се лицемерени. Виде Европа колку тие политичари за истата таква работа едно зборуваат, а за друга таква работа друго зборуваат. За жал, јас се плашам дека на дел од тие политичари ќе им се стави знак на равенство – руската политика и тоа што руската политика го прави во Украина, односно обид да се спречи интегрирањето на оваа, би рекол, малубројна држава во рамките на ЕУ, рече Мицкоски и додадека дека е убеден оти ако земјава има шанса да почне преговори, тие би завршиле за три до четири години.

-Но како Македонци, со македонски идентитет, македонски јазик, а не видоеизменети модерни Македонци, со модерен македонски идентитет и модерен македонски јазик, рече премиерот.

И министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, од Хаг, остро ја критикуваше официјална Софија и бугарските европратеници за нивното однесување во однос на евроинтеграциите на Македонија. Тој во изјава за Канал 5 истакна дека постапките на Бугарија во изминатите недели и месеци се дел од загрижувачки тренд кој може да го наруши регионалниот мир.

– Жалам што актуелната бугарска влада, а и бугарските европратеници, со своето дејствување – она што го гледаме во Брисел – влегуваат во рускиот наратив за дестабилизација на регионот. Стабилноста на Западен Балкан најлесно ќе се обезбеди преку извесна европска интеграција на целиот регион. Како можеме да ги надминеме предизвиците и да работиме за стабилизација на Западен Балкан? Секако преку дијалог, рече Муцунски.

Наспроти острите пораки од премиерот Мицкоски и шефот на дипломатијата Муцунски, претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова се држи до нејзината културна дипломатија. Таа од Хаг изјави дека имала пријатен, протоколарен разговор со бугарскиот премиер Росен Жељазков. Сиљановска Давкова рече дека е изненадена од најавите за поднесување нови амандмани од бугарските европратеници на извештајот на Вајц за напредокот на земјава што беше усвоен на состанокот на АФЕТ и вели дека пред вечерата што ја организираше холандскиот крал Вилем-Александер во Хаг во рамките на Самитот на НАТО имала пријатен протоколарен пријателски разговор со Жељазков.

-Имав пријатен разговор со премиерот на Бугарија. Разговаравме за нужноста од меѓусебно разбирање, да се почитуваме, за потребата да го следиме духот на двата народа, за да помагаме и за потребата кој е веќе внатре да му помогне на оној кој оди кон ЕУ. Верувам во потребата од пријателство, верувам дека ќе се случи и мислам дека тоа е нешто неминовно. Не можам однапред да предвидам, но од она што го видов вчера гарантира дека низ дебата ќе дојдеме до единство, посочи Сиљановска-Давкова пред состанокот на Советот на НАТО во Хаг, каде ја предводеше македонската делегација.

Радев со писмо до ЕУ

Во исто време, по гласањето за извештајот во Комитетот за надворешни работи, бугарскиот претседател Румен Радев испрати писмо со остро предупредување до европските институции и земјите-членки на ЕУ поради одлуката за признавање на македонскиот јазик и идентитет, тврдејќи дека тоа е „морална и научна“ тема надвор од правните овластувања на парламентот. Радев вели дека од почеток случајот со тој извештај предизвикал бран на негодување и критики во Бугарија.

-Фактот дека почитувана институција како што е Европскиот парламент се изјаснува за категории од морална природа или специфично научен фокус како што се „идентитет“ и „јазик“ е загрижувачки, во отсуство на законска основа и релевантни надлежности. Ваквите упатувања на „јазик и идентитет“ без конкретна дефиниција ризикуваат слободни толкувања што нашите југозападни соседи веќе ги прават со своите претензии за „вековниот македонски идентитет“. Околностите околу подготовката на извештајот се вознемирувачки, откако се дозна дека неговиот текст протекол до РСМ, а премиерот на таа земја јавно се пофали дека Македонија соработувала со европратениците со месеци и влијаела врз некои од тезите во него, пишува Радев во писмото.

Бугарија не прифаќа нов компромис

Радев посочува дека бугарската страна не прифаќа никакви промени на досегашниот европски компромис и ги осудува „етноцентричните националистички наративи“ од Скопје. Тој предупредува дека властите во  земјава немаат намера да ги спроведуваат договорените европски обврски и бара силна поддршка од ЕУ за „заштита на правата на Бугарите во соседната држава“.

-Ја поздравувам одлуката на Европскиот парламент да ги отфрли тврдењата за „вековен македонски идентитет“ и да спречи нови обиди за промовирање на етноцентричниот националистички наратив на оние на власт во Скопјe. Таквиот пристап се соочува и со другите етнички заедници во РСМ и со двата милиони бугарски граѓани, кои се и граѓани на ЕУ, со етничко потекло од територијата на денешна Северна Македонија. Во исто време, антибугарската кампања во РСМ се одвива со несмалено темпо. Неприфатливо е земја која е кандидат за членство во ЕУ и гласно рекламира дека одамна ги исполнила сите критериуми за членство, отворено гони свои граѓани кои се самоидентификуваат како Бугари, вели бугарскиот претседател.

-Ве молам прифатете ги моите уверувања дека Бугарија нема да прифати никаква замена на тешко постигнатиот европски компромис. Правата на Бугарите во Република Северна Македонија не можат да бидат предмет на политички преговори. Зајакнувањето на довербата во европските институции, особено во време на криза, е наша заедничка должност и сметам на вашата соработка во ова, стои во писмото на Радев до Брисел.

Во реакција, македонскиот шеф на дипломатијата рече дека епилогот на овие преписки е неодржувањето средба меѓу претседателката Гордана Сиљановска Давкова и бугарскиот премиер. Муцунски ја обвини Софија за дестабилизација на регионот.

Премиерот Мицкоски, пак, во интервју за МРТ рече дека во 21 век некој сака да создава вештачка нација и идентитет и го повтори залучокот дека проблемот не бил во промената на Уставот туку во македонскиот идентитет и јазик. Тој во неколку наврати деновиве повтори дека случувањата со амандманите во Извештајот потврдуваат дека не бил проблемот промената на Уставот, туку идентитетот, суштината на овој народ и јазикот.

– Нели беа бетон. Некако бетонов распука, и тоа го видовме сите во лулката на Европа видовме како распукува бетонот, рече премиерот Мицкоски во интервјуто за МРТ.

Претходно, на прес конференција, тој појасни дека не е точно дека амандманите во АФЕТ беа предложени само од Европската народна партија (ЕНП), туку рече биле здружен предлог на четири групи во Европскиот парламент – Европската народна партија, социјалдемократите, либералите на Рињу и зелените, кои се договориле во меѓусебна координација пред состанокот.

Мицкоски вели дека овој извештај, меѓу 8 и 9 јули повторно може да биде нападнат со сличен амандаман, што е само по себе преседан бидејќи еднаш е поразен на комисија.

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент со широко мнозинство, во вторникот го усвои извештајот за Македонија, а амандманот за формулацијата „модерен македонски јазик“ беше блокиран од унгарски европратеници. По поддршката во АФЕТ, извештајот за Македонија сега се сели во Стразбур, каде што се очекуваат пленарна расправа и нов обид за внесување на спорниот амандман. Усвојувањето на извештајот беше поздравено од известувачот Томас Вајц, кој рече дека земјава припаѓа во Европската Унија. Во документот се содржани повеќе референции што ги признаваат македонскиот јазик и македонскиот идентитет, што беше причина за бугарското противење. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ