Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на фабрика во Кочани, а во врска со досегашниот тек на случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој загинаа 62 лица, истакна дека остава на обвинителско-судските органи да ја завршат процедурата.
– Јас се воздржувам да коментирам изминатиов период и ќе ја продолжам таа практика да не коментирам. Оставам обвинителско-судските органи да си ја завршат процедурата. Колку што знам, поднесеното обвинение е во рамките на оцена од страна на судовите, така што не би сакал дополнително да коментирам – одговори Мицкоски во изјава за медиумите, по отворањето нова хала на компанијата „Амфенол“ во Општина Кочани.
Неделава, на повиците од јавноста кога ќе почне судењето против 34 обвинети за пожарот, од Кривичниот суд изјавија дека предметот е во фаза на разгледување на поднесените приговори на обвинителниот акт од страна на одбраната, која го има тоа право, како странка во постапката.
Со одлука на Врховниот суд, судењето ќе биде во Скопје, а за местото, со оглед на бројот на обвинети и на интересот од јавноста, сè уште нема одлука од скопска единица. Од ОЈО неодамна за весникот ВЕЧЕР брифираа дека би било најдобро да се одржува судењето во некоја од поголемите судници од комплексот судови, поради семејствата, од кои најголемиот дел се од Кочани. Секој обвинител од тимот на истрагата за трагедијата ќе биде надлежен за секоја од областите во кои ќе се докажуваат кривичните дела, а главен, неофицијално, ќе биде кочанскиот обвинител. Судијата ќе биде избран по системот „Акмис“, а тоа ќе се случи откако ќе биде оценето обвинението поднесено пред три месеци. (П.А.)