ВМРО-ДПМНЕ има победа во над 30 општини уште во првиот круг од локалните избори, објави вечерва на прес-конференција лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
Тој порача дека граѓаните на изборите не избрале партија, туку насока, вредности и луѓе што веруваат во работа.
„Оваа победа ја градевме чекор по чекор со работа и упорност. Оваа победа не е само наша, туку победа на сите кои веруваат дека државата треба да се движи напред. Патот не е лесен, но Македонија има сила и волја. Вечерва не славиме, туку ветуваме дека ќе работиме уште повеќе, секој глас ќе го претвориме во дело. Пред нас се две недели на одлука, да ја заокружиме победата што ја почнавме, не е време за опуштање, секој глас дома е подарок за оние што ја уништуваа Македонија“, порача Мицкоски.
Според него, тезата дека имало нерегуларности на денешниот изборен ден е плитко алиби за да се оправда слабиот резултат на опозицијата.
Мицкоски изјави дека овие избори се и порака за лидерот на ДУИ Али Ахмети.
„Воедно овие избори се порака и за ДУИ. Кога Али Ахмети се удираше во гради дека менувал премиери, реков почекај, непријатно ќе бидеш изненаден. Ова е тој ден. На овие избори политиките на етноцентризам и вештачки теми за орли и зајци се поразени, а се отвора прашањето за реформи во опозицијата. Јас не очекувам послушна опозиција, но далеку покапацитетна од оваа“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.