сабота, јули 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Мицкоски: Судството нема да добие повеќе пари, се додека не почне да...

Мицкоски: Судството нема да добие повеќе пари, се додека не почне да испорачува, независноста не се обезбедува со пари, туку со работа

45
Фото:фб

Последниот Извештај на Европската комисија за владеење на правото нотира низа пофалби, констатирани се политики коишто испорачуваат, но има и критики. Коментирајќи го овој документ за време на посетата на Општина Дебрца, премиерот Христијан Мицкоски порача дека судството и обвинителството нема да добијат повеќе пари од буџетот, бидејќи со досегашната работа „не ги заслужиле“.

Анализирајќи го документот, Мицкоски појасни дека ова не е извештај за напредокот на земјава што треба да стигне наесен, туку редовна анализа која се прави за земјите членки и за четири земји кандидати од регионот.

„Овој извештај е редовен извештај што го објавува ЕК за сите земји членки, а последните три години е и за дел од кандидатите. Станува збор за 2023, 24-та и 25-та година. Од кандидатите се анализирани четири земји, тоа се Македонија, Црна Гора, Албанија и Србија“, рече Мицкоски.

Тој посочи на тоа што се е констатирано во Извештајот велејќи дека има и контрадикторни заклучоци.

 

„Во него е констатиран притисок од страна на политичари кон судството. Кога зборуваме судството, мислиме и на обвинителството и на судството. Тоа е едно. ​Второ – имаме исто така констатиран факт дека требало повеќе пари да има за обвинителите и судиите. И трето – е критика за самите обвинители и судии, што е контрадикторно на втората забелешка. Така што, контрадикторни се тие два заклучока“ додаде Мицкоски.

Тој посочи дека од една страна се констатира политички притисок и се бараат повеќе пари за судиите и обвинителите, а од друга страна се упатуваат сериозни критики за нивната ефикасност.

„Од една страна велат судскиот систем не испорачува, од друга страна Владата да даде повеќе пари. Тие две работи едно со друго не одат. Или ќе почнат да испорачуваат, па да добијат, или нема да добијат. Ете, вака накратко, тоа е мојот коментар“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски рече и дека општо позната констатација меѓу самите граѓани е дека правосудниот систем не испорачува правда на задоволително ниво. Поради тоа, тој најави дека ќе продолжи јавно да упатува критики и пораки за реформи, преземајќи го целиот политички ризик и одговорност, сè додека не се види реален напредок во судовите и обвинителствата.

„Пари повеќе нема да добијат. Пари нема да добијат затоа што не ги заслужиле. Она коешто ние го овозможивме со измените е дека се што побараа во делот на вработувања и самостојност – се добија. Едноставно, пари повеќе нема. Ако некој мисли дека на овој начин ќе врши притисок врз Владата, нема тоа Владата да го прифати. Бидејќи независноста со пари не се обезбедува, туку се обезбедува со работа, а не со допишување на работни саати, дежурства и проценти“, кажа Мицкоски.

За Извештајот денеска со реакција излегоа од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) од каде велат дека во него јасно и недвосмислено нотира мешање и притисок врз судството и обвинителството од страна на претставници на власта.

Од СДСМ посочуваат дека нотираните забелешки не се само општи, туку „директна и сериозна дијагноза“ за состојбата во која се наоѓа правосудниот систем во Македонија.

ИЗДВОЕНИ