Мицкоски: Судскиот процес за трагедијата во Кочани мора да се одвива без политичко влијание, иако некои се обидуваат на него да градат политичка кариера

53

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски вечерва изјави дека лично смета оти судскиот процес за случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани мора да се одвива без политичко влијание, но предупредува дека има одредени политички партии кои, како што вели, се обидуваат да ја злоупотребат маката на оние што ги загубија своите најмили.

– Лично мислам дека мора така да биде, не може да биде поинаку. Е сега има тука одредени политички партии што на овој случај, за жал, на маката на луѓето кои ги изгубија своите најмили се обидуваат да градат политичка кариера и затоа не можеме да кажеме дека нема политичко влијание бидејќи се обидуваат тие политичари и тие политички партии да ја злоупотребат оваа мака, рече Мицкоски во „Топ тема“ на Телма телевизија.

Премиерот додаде дека тие континуирано испраќаат политички пораки, додека, како што рече, за разлика од нив тој цело време молчи и остава обвинителството и судовите да ја завршат својата работа.

– Да имаме фер судење, да имаме судење коешто јасно ќе детектира кои се виновниците, кои не се виновни и.т.н, рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека ја поддржува одлуката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за анкетна и надзорна комисија за сите досегашни трагедии кои ни се случија изминативе години. Апсолутно сите виновници, нагласи Мицкоски, треба да се изнесат пред лицето на правдата. Граѓаните, додаде премиерот, треба да видат кој е тој кој злоупотребил и направил грешка и кој е виновен.

– Јас многу внимателно ја слушам дебатата во јавноста последниве денови. Од опозицијата стигаат какафонични пораки. Да речеме претедателот на СДСМ од една страна обвинува дека судството и обвинителството се под политички притисок од оваа Влада која што јас ја предводам, и сега кога овој слулчај е таму во обвинителството и започнува во судот, вели не, дебатата да ја пренесеме во Парламентот. Тоа не го прават тие за да ја истераат работата до крај, бидејќи тие немаат алатки ниту пак кредибилитет. Тие тоа го прават исклучиво за политизирање и тоа е она најниска форма на политика, некрофилска политика која што ја води тој и другите помали политички партии, рече Мицкоски.

Ако велиме дека судиите се независни, вели премиерот, логично е овој случај да биде во судот. Мицкоски посочи на, како што рече, лицемерноста на опозицијата која од една страна вели дека имаме квалитетни обвинители и судии, а од друга страна не им верува и бара анкетна и надзорна расправа.

ИЗДВОЕНИ