– Очекувам оваа недела да имаме едно завршно кафе- пиење со Таравари. Јас ќе го поканам, се разбира. Владата е стабилна, цврста и има силно мнозинство во Парламентот за да продолжи со реформскиот процес, со процесот на проекти и со испорака за граѓаните, тоа што го очекуваат граѓаните од нас – рече вчера премиерот Мицкоски. На прашањето дали разговара со други партии за влез во Владата, Мицкоски уште еднаш повтори дека Владата е стабилна и има силно мнозинство во Парламентот. Дека Арбен Таравари нема да биде дел од Владата, но дека ќе може да останат во извршната власт членовите на Алијанса што не се согласуваат со него, потврдуваат и од „Вреди“, дека следниве денови ќе има конкретни чекори во тој правец
Сагата со политиката „топло-ладно“ на лидерот на Алијанса, Арбен Таравари, се чини неделава ќе добие разрешница. Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека завршната средба со министерот за здравство ќе ја свика неделава и дека на неа ќе биде сумирано сè што е направено.
– Мислам дека господинот Таравари и неколкумина околу него се решени да се вратат во прегратките на Али Ахмети и на ДУИ. Ќе имаме една завршна средба во текот на следната недела, на која ќе сумираме што е тоа што е направено – изјави Мицкоски.
Тој рече дека станува збор за одлука на Таравари да се врати кај Али Ахмети, но дека тоа не е одлука и на другото членство на Алијанса за Албанците и на голем дел од луѓето што се дел од Владата.
– Морам да кажам дека најмалку што очекував е да се врати назад, во прегратките на Али Ахмети и другите, но тоа е, сепак, негова одлука. Убеден сум дека тоа е одлука на малкумина, не е одлука на членството на Алијанса за Албанците и на голем дел од луѓето што се дел од оваа Влада. Чесно беше и доблесно самиот да го направи тоа, да не ги влече Владата и граѓаните за нос. Полека, но сигурно станува јасно дека тој се враќа назад, во прегратката на сите оние што повеќе од две децении ја пустошеа, ја криминализираа, ја ограбуваа, ја фрлија Македонија на колена – рече Мицкоски.
На прашањето дали разговара со други партии за влез во Владата, Мицкоски уште еднаш повтори дека Владата е стабилна и има силно мнозинство во Парламентот.
– Очекувам оваа недела да имаме едно завршно кафе-пиење со Таравари. Јас ќе го поканам, се разбира. Владата е стабилна, цврста и има силно мнозинство во Парламентот за да продолжи со реформскиот процес, со процесот на проекти и со испорака за граѓаните, тоа што го очекуваат граѓаните од нас – рече Мицкоски.
Дека Арбен Таравари нема да биде дел од Владата, но дека ќе може да останат во извршната власт членовите на Алијанса што не се согласуваат со него, најави градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, кој потенцираше дека следниве денови ќе има конкретни чекори во тој правец.
– Ние одлучивме дека во следниот период ќе работиме заедно, во правец на тоа Арбен Таравари, како главен носител на идејата за соработка со ДУИ, да не биде дел од Владата. Договор има дека кој било што соработува со Али Ахмети, во ваква ситуација не може да биде дел од Владата. За динамиката и модалитетите како ќе се спроведе тоа од моментот кога ќе имаме конкретно решение, сигурно дека ќе ја запознаеме јавноста, затоа што тоа не е едноставна работа. Ако се договориме дека ќе има реформирање на Владата, ќе треба да видиме кој ќе треба да излезе и кој ќе треба да влезе, затоа што гледаме дека и во ваква ситуација има некои чинители во Владата што се дел од партијата на Арбен Таравари, што не се согласуваат со него – рече Касами.
Градоначалникот на Тетово и еден од лидерите на „Вреди“ смета дека треба да се прави јасна разлика меѓу Арбен Таравари, кој е носител на комуникацијата со Али Ахмети, и Алијанса за Албанците. Тој потсетува на коалицискиот став дека Алијанса за Албанците е важен фактор во коалицијата „Вреди“ и нивната желба и понатаму е да биде дел од коалицијата.
– За секој што е дел од Алијанса за Албанците и сака да продолжи да биде дел од Владата, ние сме отворени да продолжиме да соработуваме со него. Значи, во моментот ние цениме дека главен проблем е директната соработка на Арбен Таравари со Али Ахмети. Таа одлука е веќе донесена, дека во случајот Арбен Таравари не може да биде дел од Владата. Секој друг член на Алијанса за Албанците што не се согласува со оваа соработка на Арбен Таравари со Али Ахмети, е добредојден да продолжи да биде дел од Владата. Затоа треба да се расчистат овие ситуации, кој е „за“ и кој е против соработка со ДУИ – истакна Касами.
Според него, кога ќе се расчистат дилемите со АА, ќе има промени во нивните досегашните функционерски позиции во Владата и во другите тела на извршната власт.
– Влегуваме во година на големо чистење, кога граѓаните, конечно, ќе имаат можност да ги отстранат политичките отпадоци што со години го попречуваат развојот. Фосилите на ДУИ, кои останаа вкоренети во локалната власт без никаква визија, ќе бидат испратени таму каде што им е местото – во историјата, покрај своите сопартијци во опозицијата за, конечно, да се реформираат или рециклираат – порача вицепремиерот и министер за екологија, Изет Меџити.
Тој рече дека „Вреди“ ќе биде гласот на промената во секоја општина со мнозинско албанско население. Ние нудиме конкретни и одржливи алтернативи за добрo управување, како на централно така и на локално ниво. Не се бориме само за власт туку и за суштинско, вистинско и долгорочно прочистување.
Сè уште не е јасно, доколку, сепак, се случи коалицирање со ДУИ, како ќе реагира Зијадин Села од другото крило на Алијанса, кој е дел од „Европскиот фронт“. Тој неколкупати досега ги повика членовите, но никако и Таравари, да му се придружат.