недела, февруари 1, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Мицкоски: Се надевам дека ЕУ ќе најде начин да нема билатерално вето...

Мицкоски: Се надевам дека ЕУ ќе најде начин да нема билатерално вето за нашето членство

Ако ние менуваме Устав со цел определена група во нашето општество да биде конститутивен елемент во државата, тогаш нашата македонска заедница во тие држави треба да има елементарни човекови права – нагласи претседателот на македонската Влада

31

Се надевам дека ЕУ ќе изнајде начин на нашиот пат кон членството во европското семејство да нема билатерални пречки, изјави вчера премиерот Христијан Мицкоски. За време на денешните активности во Скопје, тој одговори на новинарско прашање врзано за последната анкета кој го покажа порастот на расположението кај македонските граѓани за членството во ЕУ, а за што се изјасниле 71 процент од анкетираните.

– Никогаш не било доведено во прашање интеграцијата на нашата земја во ЕУ. И покрај сите поднесени жртви, понижувања, изневерени очекувања од страна на поединци во Брисел, граѓаните на Македонија се проевропски ориентирани и сакаат да бидат дел од Европа. Дури се и повеќе европски ориентирани отколку некои земји членки на ЕУ. Околу тоа, никој не треба да има дилема. Јас дури и сум разочаран. Јас очекував, малтене, да бидеме акламативни, над 90 проценти, а не 71 отсто за ЕУ. Тоа значи дека ние работиме во креирањето на перцепцијата да се зголеми процентот кај граѓаните и ќе продолжиме така да правиме – рече премиерот.

Тој додаде дека, сепак, постои проблем.

– Што е проблемот? Тоа е второ прашање. Кога на сите тие, што денеска велат дека се за ЕУ, ќе им го поставиме прашањето „под услов да го смениме Уставот, а сè уште да нема извесен крај“, тогаш одговорот е обратен. Тогаш, 71 процент се против. Тоа е суштината. Мене, како политичар, би ми било најлесно одговорот и на второто и на третото прашање да биде идентичен како и на првото прашање. Но, тој не ја отсликува реалната перцепција кај граѓаните. И со право. Мислам дека граѓаните се уморни од изневерените очекувања, разочарувања, издадени надежи, затоа што направиле како ниту едни граѓани во Европа, односно, ниту една земја членка на ЕУ. Овие граѓани одамна го заслужуваат своето место во рамките на ЕУ и јас се надевам дека ЕУ ќе изнајде начин, заедно со нас, во еден дијалог, да гарантира дека во тој процес понатаму ќе нема билатерално вето. Односно, дека ќе нема пречка Македонија, на брза патека – а јас сум убеден дека сме многу поподготвени од земјите што се аспиранти денеска – да бидеме дел од ЕУ и дека никој нема да ги предизвика македонскиот идентитет, македонскиот јазик… – нагласи Мицкоски.

Тој, инаку, завчера најави дека Македонија ќе го разгледа нон-пејперот на ЕУ за членство, чие скорешно претставување се најавува.

– Ставот на Македонија ќе биде познат по објавувањето на документот, рече тој посочувајќи дека треба да работиме да ја оствариме стратешка цел, полноправно членство во ЕУ.

Премиерот вчера рече и тоа дека промените кои се бараат од нас треба да доведат и до подобрување на положбата на Македонците во соседните земји.

– Ако ние менуваме Устав со цел определена група во нашето општество да биде конститутивен елемент во државата, тогаш нашата македонска заедница во тие држави треба да има елементарни човекови права – да може да се здружува во невладини организации. Толку е едноставно ако некој навистина сака и ако навистина им мисли добро на оваа земја и на овој народ, кој не претставува никому закана. Напротив, ние сме мирољубив народ, чесен, подготвен секому да му помогне, кој од никого не бара ништо, си го сакаме своето, така што ова елементарна почит граѓаните ја заслужија. Немам намера да го менувам својот став додека не видам јасна порака од страна на Брисел – рече тој. (Б. Ѓ.)

(фото: ФБ)

ИЗДВОЕНИ