Мицкоски: Прислушкувањето на АНБ не е удар врз мене и новинарите, туку врз демократијата, правото на слобода и темелите на државата

68

Премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на состанокот посветен на партнерството за отворена власт, порача дека најновите информации за незаконско прислушување не се личен напад врз него, туку директен удар врз демократијата и правото на слобода…

„Денеска сме собрани околу една идеја која е темел на секоја зрела демократија- отворената власт.

Со самото наше присуство овде испраќаме јасна порака: политичката волја и решеноста на Владата да продолжи со реформите во борбата против корупцијата, модернизацијата на јавниот сектор, дигиталната трансформација и јакнењето на демократската стабилност кои што како поими не се декларативни, туку реални и практични.

Нашата определба за партнерство и транспарентност е тесно поврзана со европската иднина на државата. Процесот на приближување кон Европската Унија не е само административна постапка, туку суштински трансформациски пат. Отворената власт е алатка преку која ефективно ја реализираме Програмата за работа на Владата 2024–2028, во чиј фокус се граѓаните и нивната доверба во институциите.

Во дискусиите денеска ќе се фокусираме токму на тоа – како преку принципите на транспарентност, отчетност и учество на јавноста да го поттикнеме напредокот во европската интеграција и реализацијата на клучните национални реформи.

Затоа сум благодарен што денес се меѓу нас министерот Горан Минчев и г. Аидан Ејакуза, кои со своето искуство и знаење се силен поттик за овој процес.

Не можам да го занемарам и актуелниот контекст во кој се одвива овој состанок. Нашата држава се соочува со нов скандал – нелегално прислушкување и масовна злоупотреба на системот во изминатите неколку години.

Јас лично, тогаш како претседател на најголемата опозициска партија, денеска како премиер заедно со новинари, медиуми, бизнисмени и јавни личности сме биле жртва на системот кој ги следел своите граѓани. Ова не е напад само врз мене, туку врз демократијата, врз правото на слобода, врз темелите на државата.

Сакам да порачам: Нема да има селективна правда. Ќе има одговорност. Ќе има правна разрешница. Нашиот народ предолго бил жртва на злоупотреби, на корупциски шеми и на тајни центри на моќ. Времето на недопирливи заврши.

Токму затоа партнерството за отворена власт е наш заеднички одговор. Затоа што таму каде што има светлина, нема простор за сенки. Кога институциите се отворени и отчетни, тогаш нема место за злоупотреба, ниту за загрозување на слободите и демократијата“, рече Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ