Премиерот Христијан Мицкоски кој присуствува на светскиот економски форум во Давос, вечерва, преку својот Фејсбук профил, соопшти дека денеска имал билатерална средба со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, а потоа остварил и многу билатерални средби со мултинационални компании.
Мицкоски, како што информира преку видео-изјава, учествувал и на панел. Зборувал за проекти од областа на енергетиката и прв пат ги презентирал „Бошков Мост“ и „Чебрен и Галиште“.
Имавме и успешен панел на кој зборував за проекти што за нас се значајни, проекти што опфаќаат производство на електрична енергија, подобрување на преносните капацитети на интерконекторите кои пренесуваат електрична енергија и гас. Денес за првпат на панелот ги прзентирав за нас клучните проекти кои во периодот што следи ќе ги објавиме, а тоа се „Бошков Мост“ и „Чебрен и Галиште“. Убеден сум дека привлекоа големо внимание кај голем број инвеститори. По завршувањето на панелот тие ми пристапија и разменивме контакти. Ги поканив да дојдат во Македонија, да ги презентираме потенцијалите со кои располагаме и инвестициските можности. Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, дека ќе додадат вредност во домашната економија, како и во квалитетот на животот на македонските граѓани, потенцира премиерот во изјавата.












