Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Брисел, оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. По средбата, Мицкоски ја оцени средбата како пријателска, а Кошта како голем пријател на Македонија. Тој посочи дека на состанокот, македонската страна ги повторила нашите единствени позиции, за кои рече дека се позиции достоинствени по сите оние понижувања што ни се случија во минатото, изминатите 25 години откако почна нашиот пат за приближување кон Европската Унија.
– Повторно разговаравме за актуелните теми, нормално, приближувањето на нашата земја кон Европската Унија и, конечно, формалното започнување на преговорите. Имавме пријателски и, би рекол, прилично продуктивен состанок, едноставно, сето она што претставува наш приоритет е и приоритет на господинот Кошта. Покрај приближувањето кон ЕУ и започнувањето на преговорите, имаше уште неколку проекти што се стратешки важни за нас, тоа е гасниот интерконектор со Србија и крак на гасниот цевковод кон соседно Косово. Понатаму, тарифите за челикот и за челичните производи на македонските производители, како и заедничкиот проект што ќе го има нашата македонска Влада со Европската комисија, а се однесува на проектите што треба да ги реализираме во Кочани и во Кочанскиот Регион. Сè на сè, можам да кажам исклучително успешна и продуктивна средба. Се надевам и сигурен сум за позитивни вести – рече премиерот, кој за вечерва на агендата има и вечера со еврокомесарката Кос.

Пред почетокот на самитот за проширувањето и за презентацијата на извештаите за напредокот на земјите членки, Мицкоски објави на социјалните мрежи дека разговарал со Кошта за македонскиот евроинтегративен пат и дека размениле искуства и идеи за тоа како да се забрза напредокот.
– Разговаравме за европскиот пат на нашата земја, за важноста на зачувувањето на европските вредности и за поддршката што ја добиваме во процесот на интеграции. Разменивме искуства и идеи за тоа како да го забрзаме напредокот и како да создадеме подобри можности за граѓаните. Ваквите средби се од големо значење, бидејќи ја потврдуваат нашата посветеност кон европската перспектива и ја зајакнуваат соработката со европските партнери – објави Мицкоски.
Македонскиот премиер, заедно со шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, отпатува во Брисел за попладнево да учествува на самитот за проширување на Европската Унија, во организација на телевизијата „Еуроњуз“, кој е замислен како собир на кој високите претставници на ЕУ и на земјите кандидати за членство разговараат за иднината на европската интеграција.
Станува збор за прв настан од ваков тип на кој креаторите на политики, експертите и лидерите во телевизиски пренос во живо дебатираат за клучниот избор на Европа: Дали Унијата ќе се прошири и ќе се развива или ќе ризикува стагнација?
– Војната на границите на ЕУ и растечките демократски аспирации во нејзиното соседство го направија проширувањето повеќе од политика: сега тоа е стратешки императив – беше наведено во најавата за настанот.
Очекувањата беа самитот да испита дали хоризонтот на проширување до 2030 година за земјите кандидати за членство од Западен Балкан и од Источното партнерство е веродостоен или симболичен, како и што би значела подлабоката интеграција за демократијата, економијата и за стратешката автономија на Европа.
– Дали е подготвена ЕУ да биде поголема и поразновидна во иднина? Може ли да ги исполни своите ветувања, а воедно и да ги почитува своите вредности – стоеше во најавата.
Покрај Мицкоски и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на самитот беше најавено и учеството на претседателите на Молдавија, Србија и на Украина – Маја Санду, Александар Вучиќ и Володимир Зеленски, на премиерите на Албанија и на Црна Гора – Еди Рама и Милојко Спајиќ, на еврокомесарката за проширување – Марта Кос, како и на претседатeлот на Комитетот за надворешни работи на ЕП – Дејвид Мекалистер и на членот на овој Комитет – Марк Ботенга. (В.С.Н.)












