Премиерот Христијан Мицкоски најави дека договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство опфаќа инвестиции од 5 милијарди фунти за инфраструктурата во Македонија.
Дел од инвестициите ќе бидат наменети за „изградба на модерна и брза патничка и товарна железница од Табановце до Гевгелија, завршување на проектот на Клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот Медицински факултет, студентски дом со капацитет од 900 легла, изградба на болницата во Кичево со здравствен дом и реконструкција на Клиничката болница во Тетово“.
Договорите за инвестициите и за овие проекти треба да бидат потпишани во наредните денови. Сè уште се работи на детали, но премиерот тврди дека условите „се најдобрите што некој може да ги има на пазарот“.
Британскиот амбасадор Метју Лосон на прес-конференцијата демантираше дека Македонија се обврзала на прифаќање мигранти и појасни дека „станува збор за соработка на полициски сили и подобро справување со криминални групи“.