Овие избори не се само обични локални избори, туку тие ќе бидат одлука за тоа каква Македонија сакаме да имаме, каква држава сакаме да градиме и какви пораки ќе им се испратат на оние кои уриваат, наместо да градат. Знам дека во таа битка ќе победиме, Македонија ќе победи, порача вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски вечерва на централниот митинг во Скопје.
Одиме заедно до победа. Затоа што овие избори се одлука за тоа каква Македонија ќе победи. Има и такви кои живеат од татковината, и ние – народот – кои живееме за татковината. Колку и да една тесна, мала клика – која ги направи сите неморални коалиции и поврзувања – е спремна за сè само да дојде на власт, вечерва сите тие и сите нивни слуги, кои сакаат Македонија да ја држат уценета, клекната и понижена, го добиваат одговорот. А одговорот сте вие – народот на Македонија. Немојте да се залажуваме дека ова се само обични локални избори, ова се избори за финалната битка за тоа каква држава сакаме. Ова се избори за тоа каква порака испраќаме до сите оние кои уриваа наместо да градат, правеа претстава наместо да штитат. Нив ги симнавме од власт, но сега треба да ги поразиме и да ги испратиме во пензија. И кога ве гледам во колкав број нè има вечерва, колку многу реки народ се слеаа по улиците до оваа преполна сала – јасно е: Ќе победиме!!! Ќе победиме сите заедно!!! Македонија ќе победи – рече Мицкоски.