Мицкоски откако беше реизбран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ: До последниот ден од мојот последен мандат ќе барам работа и резултати

0

Христијан Мицкоски по трети пат е реизбран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Како единствен кандидат за прв човек на партијата на 18-от конгрес што се одржа во Кавадарци тој беше едногласно избран со 804 гласови. Испратен до говорницата со аплауз Мицкоски се заблагодари на довербата и порача дека денеска победи патот што партијата го трасира за Македонија.

–Македонија премногу долго беше научена да се гледа себе низ очите на другите, да се мери со туѓи очекувања, да чекори темпо кое друг го диктира. А мене отсекогаш ме интересирало едно единствено прашање – како ќе изгледа Македонија кога ќе почне да верува во себе. Вечерва кога ја усвоивме доктрината, кога ја утврдивме Стратегијата, кога дадовме завет пред нацијата, почувствував дека сме многу поблиску до таа верзија на Македонија, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

На почетокот на Конгресот Мицкоски го претстави конгресниот документ „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ програмска рамка за идното петгодишно дејствување на ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека Македонија е заеднички дом на сите, но и обврска за секого. Македонија мора да биде држава со самодоверба, истакна и додаде земјава е изградена на европски вредности и таму припаѓа, но дека не може да се преговара за нејзиниот идентитет.

–Државата е млада изложена на историски искушенија и често соочена со обиди за релативизирање на нејзиното постоење. Затоа ВМРО-ДПМНЕ ја поставува следната стратегиска линија. Националниот идентитет не е предмет на преговори. Јазикот, историјата и културата се фундаментални државни столбови, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Ова е инаку, последен мандат на Мицкоски на чело на партијата, бидејќи според партискиот статут не може еден претседател да биде избран повеќе од три пати. Инаку тој претходно најави дека по овој Конгрес ќе има и внатрепартиски промени односно нов Извршен комитет како и промена на дел од потпретседателите, а неофицијално ќе има смена и на генералниот секретар на партијата.

ИЗДВОЕНИ