Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во гостување во Дневникот на Телевизија Сител рече дека побарал објаснување од Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за проценките за безбедноста на ексвицепремиерот Артан Груби во истражниот затвор „Скопје“, кој во понеделникот и се предаде на полицијата по повеќе од една година бегство.
Одговорот од двете институции, како што вели, е дека станува збор за класифицирани, строго доверливи документи.
Ова следи откако Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, одговарајќи на реакциите што во јавноста ги предизвика одлуката на Артан Груби ефективниот да му биде заменет со куќен притвор, соопшти дека за тоа биле исполнети специфичните услови, односно дека МВР и АНБ процениле дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата безбедност.
Потоа, директорот на истражниот затвор „Скопје“, Бобан Утковски изјави дека ниту МВР, ниту АНБ дошле во затворот да направат проценка пред да донесат таков заклучок.
„Разговаравме. Тоа се класифицирани, строго доверливи документи, до кои нема пристап директорот на затворот ‘Скопје‘“, вели премиерот.
Според него, таква е одлуката сега, но тоа не значи дека куќниот притвор нема да биде заменет со ефективен.
„Лицето е обезбедено. Мерките ги одредува Обвинителството и судот врз основа на факти. Таа одлука не значи дека е конечна, многупати во минатото тие одлуки се менувале, се надградувале, се проширувале“, рече тој.
Премиерот вели дека прокси ботови на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) се обидуваат да го искористат револтот на граѓаните за одлуката Груби да биде во домашен притвор откако претходно се водела кампања дека власта го пуштила да избега кога се појавил на граничниот премин, како и дека Владата сега ја спасува Демократската унија за интеграција (ДУИ), односно дека куќниот притвор е според заеднички пакт и налог.
Потоа, Мицкоски рече дека има чувство оти многу луѓе се загрижени во овој момент и дека оттука произлегува и немирот кај опозицијата.
За обвинувањата од лидерот на СДСМ дека постои политички договор меѓу власта и ДУИ, но и дека не се плашат од сведочењето на Груби, премиерот рече дека тој и јавноста ќе го држат за збор Филипче, надевајќи се дека потоа тој нема да говори за политички реваншизам.
„Но, кога ќе дојде до тој момент, а имам чувство дека ќе дојде, да не биде дека е политички реваншизам или нешто друго. Да не биде после тоа како за модуларната ‘јас не сум виновен‘, како од едно во друго министерство се движи тој проект, па како се случува и слично. Да не биде дека еве, некој политички му се реваншира. Тоа е суштината кај СДСМ и нивните прокси ботови, исплашени се од тоа што ќе следи“, кажа премиерот.
Посочи дека токму тој бил единствениот кој лично од Груби бил најмногу напаѓан, како и од високи претставници на ДУИ, најчесто со лаги и конструкции.
„Која е логиката да склучувам пактови со лица како Груби. Свесен сум дека овие растурени пердуви ќе остават лузна на мене и мојата политика, но крајната цел е важна, а таа порака и денеска ја кажав во Собранието дека големите одлуки се носат во тишина“, додаде Мицкоски.
За темата со пронајдените количества на нелегална марихуана во Македонија рече дека се извршени инспекциски контроли на неколку правни лица, на шест веќе се одземени лиценците, а на уште неколку на следна владина седница ќе им бидат одземени лиценците, бидејќи не постапувале согласно закон.
Упати порака до граѓаните и за случајот со Груби и за овој со марихуаната, да бидат спокојни оти работата е под контрола.
„Исто како што улиците се исчистија од криминал, така доаѓа времето кога ќе ја исчистиме државата од политичките криминалци кои оставиле голема трага во минатото, но за жал поради нивните политики и во годините кои следат ќе треба да се справуваме со овие штетни, недржавни канабис-политики“, рече премиерот.












