Ценам дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе има поголем број на градоначалници споредено со 2021та година. Нашите анализи се дека нема да бидеме изненадени ако имаме повеќе од 50 градоначалници, но очекуваната бројка е помеѓу 45 и 50, плус Градот Скопје, ако 2021 имавме 42 општини, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „360 Степени“.
На прашањето дали СДСМ ќе освои некаде градоначалник според анализите на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Мицкоски рече дека според партиските анализи СДС се движи од нула до шест.
Според нашите анализи СДС би се движеле од 0 до 6. А Левица не очекувам да освојат, бидејќи Левица таму каде што кандидира свои кандидати во најголем дел, а тоа се скопските општини, и во градовите Тетово, Гостивар и Струга, теоретски не може да добие поголем број на гласови од било кој друг кој што се натпреварува на тие избори. И јасна е нивната стратегија дека тие треба да бидат прокси за ДУИ, нагласи Мицкоски.
Мицкоски, е дециден дека не постојат околности во државава за да се случат предвремени парламентарни избори, дури и доколку Демократската унија за интеграции (ДУИ) победи во клучните општини. Вели дека ги слуша плановите на ДУИ и оти тие генерално се заокружуваат на две теми. Една е дека ќе изгубат во градоначалничката трка во Чаир, Тетово и други општини и оти во тој случај би излегле на протести со членството обвинувајќи дека изборите им биле украдени и оти ќе прават немири со кои би издејствувале предвремени избори. И втората е дека ДУИ ќе победи на советничките листи, што би била уште една причина да се оди на избори.
На прашање зошто ВМРО-ДПМНЕ зборува за потребата од реформа и криминал кај ДУИ, а не и за, на пример, проблематичните легализации на десетици згради и стотици станови во Општина Чаир направени во времето кога градоначалници беа Изет Меџити и Висар Ганиу, Мицкоски одговара дека тоа се случувало во времето кога ДУИ имала мнозинство во советот и кога ДУИ била коалициски партнер. Вели дека не одрекува оти Изет Меџити одреден период бил градоначалник, но дека во земјава постојат институции што треба да го истражат тоа и дека предметот се наоѓа во обвинителството.
„Не сум рекол дека не ги гледам, да речеме, одредени отстапувања и девијантни однесувања во минатото и ги апстрахирам. Напротив, јас само сакам да потенцирам тоа што е факт. Што се случуваше на централно ниво и како се случуваше. Инаку, си има таму обвинители, судии, нека си истражат, ако утврдат одговорност, веднаш да си постапат. За сите, за секој. Ако има одговорност или основен сомнеж дека сум сторил нешто, веднаш, уште утре да постапат и за мене“,
рече Мицкоски.