Со растот на БДП од 3,4 отсто во вториот квартал го делиме третото место со Хрватска во ЕУ и сме пред останатите земји во регионот, изјави премиерот Христијан Мицкоки.
-Од 28 земји во Европа Македонија го дели третото место со Хрватска, а пред нас се само Ирска и Кипар. Сите останати земји во регионот се позади Македонија. Ова е веќе четврти последователен квартал во кој бележиме раст од над 3 отсто. Првиот беше тртиот квартал од минатата година кога имавме раст од 3 отсто, во четвртиот имавме 3,2 отсто, во првиот квартал од оваа година имаме раст од 3,2 и сега 3,4 отсто. Очекувам до крајот на годината растот да изнесува над 4 отсто, изјави премиерот Мицкоски.
Инаку статистика денеска ги објави податоците за бруто-домашниот производ чија стапката на раст во второто тримесечје од 2025 година е 3,4 отсто во однос на истото тримесечје од 2024 година.
Во второто тримесечје од 2025 година, поголем пораст е забележан во секторите: Градежништво од 7,3 отсто, Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли; Транспорт и складирање; Објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 6,0 отсто и Рударство и вадење на камен; Преработувачка индустрија; Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација; Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината од 3,9 отсто.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги и непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во второто тримесечје од 2025 година, номинално расте за 6,1 отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ е 68,5 отсто.
Во истиот период извозот на стоки и на услуги номинално е зголемен за 6,4 отсто, а увозот на стоки и на услуги исто така бележи зголемување во номинален износ од 7,3 отсто.
Според сезонски и календарски прилагодените податоци, стапката на раст на бруто-домашниот производ во второто тримесечје од 2025 година во однос на второто тримесечје од 2024 година е 3,2 отсто.