Остварување големи инфраструктурни проекти, но и дигитализација, која ќе спречи злоупотреби, се очекувањата на премиерот Христијан Мицкоски од новиот министер за здравство, Азир Алиу кој денеска и официјално доби зелено светло во Собранието. Предлогот за негов избор Мицкоски денеска го објасни пред пратениците во македонскиот Парламент. До него доаѓа откако претходниот министер, Арбен Таравари, поднесе оставка поради тоа што неговото крило на Алијанса за Албанците ја напушти Владата. Во обраќањето, премиерот рече дека предлогот за Алиу, кој е доктор по информатички науки, доаѓа во време кога во некои држави со „еден клик се добива дијагноза, а ние сè уште трчаме по шалтери“.
– Време е да се промени тоа. И токму затоа веруваме дека неговите енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем. Дали ќе биде лесно? Не, нема да биде. Но, дали е можно? Да. Започнавме со скрининг-програми, ги намаливме листите на чекање, воведовме нови лекови на позитивната листа, а паралелно работиме на законски измени што ќе донесат системски ред. Истовремено се изготвуваат и големи инфраструктурни проекти – изградба и обнова на здравствени установи, но и дигитализација, која ќе спречи злоупотреби и ќе овозможи секој пациент да има евиденција, услуга и пристап до системот – потенцира Мицкоски.
Тој потенцира дека е потребна и силна, лична одговорност и дека очекувањата од Алиу се големи, а времето не ни е сојузник.
На таа седница, за нов заменик-министер за земјоделство премиерот го предложи Албрим Хоџа, потсетувајќи дека земјоделците биле оставени сами, без поддршка, без визија, со илјадници проблеми и ниту едно системско решение.
– Господинот Хоџа е млад, но сериозен човек, кој знае како изгледа теренот. Верувам дека тој ќе даде силна енергија, ќе му биде силна потпора на министерот и ќе придонесе кон тоа земјоделството, конечно, да добие системска рамка и визија за иднината. Овие две номинации не се изолирани одлуки. Тие се дел од еден важен процес на освежување, на унапредување, на поставување нови стандарди – потенцира премиерот.
Двата предлога веднаш наидоа на противење од пратениците од опозицијата. Миле Талески од СДСМ потенцира дека Азир Алиу, како информатичар, нема никаква врска со здравството.
– Сега велите дека е приоритет дигитализацијата во ситуација кога граѓаните се лекуваат со донации. Предлагам, премиеру, да одите во Кочани и да им кажете на семејствата на повредените дека нема материјали и услови за лекување, туку дека наш приоритет е дигитализацијата. Односно, дека предлагате министер информатичар што, најверојатно, не ни знае колку болници имаме. Со ароганцијата што ја покажувате, нема да го скриете незадоволството кај народот – потенцира Талески.
На ова реагираше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски. Тој потсети на она за што владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, го обвинува лидерот на опозициските социјалдемократи, Венко Филипче, во изминативе денови.
– Немате срам да кажувате, а вашиот лидер, Венко Филипче, ја донесе државата на првото место по смртност во Европа, во време на корона-кризата. Зошто набавуваше модуларни клиники без да се наведе во спецификацијата дека е потребна заштита од пожари, туку имало панели со пур пена? Истите тие 14 модуларни болници ургентно му беа платени на производителот. Играте на картата на кратко паметење кај народот и сакате да се амнестирате од одговорноста – нагласи Стојановски.
Според пратеникот Амар Меционовиќ од опозициската Левица, и овој предлог со Алиу е пример дека во владејачката коалиција нема визија за иднината.
– Додека се зголемува финансиската дупка со задолжувањето, подготвувате мерки за штедење со кратење на лековите и на средствата за специјализираните служби. Што правиме со нашите бегалци, со докторите и здравствените работници, кои масовно заминуваат во странство? Многу семејства се вџашени оти нивните деца лекари не добиле специјализации – наведе Мециновиќ.
Критика дојде и од опозициската ДУИ. Пратеникот Блерим Беџети обвини дека се случува „почеток на политичкото уривање на Албанците“.
– Изборот на вазали е метода што се користеше и во поранешна Југославија. Со овој предлог се прави голема политичка поделба – рече Беџети. (Б. Ѓ.)