Нашата политика е јасна: стабилни јавни финансии и заштитен животен стандард. Ќе продолжиме со дисциплината во приходите, со одговорноста во трошењето и со чувствителноста кон реалните потреби на граѓаните, порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на годишната конференција „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“. Тој упати остра порака до сите што работат во „сенка“ и оние што користат шпекулативни методи за зголемување на цените и нагласи дека државата нема да дозволи чесните да бидат казнувани, а нечесните да профитираат.
– Сивата економија е загубена можност за повисоки плати и подобри болници. Нашата цел е легалното работење да стане попривлечно и поисплатливо. Законот важи за сите, нема повеќе селективност и привилегирани – истакна Мицкоски.
Тој укажа дека сивата економија е загубен приход за државата, загубена можност за повисоки плати, подобри болници, модерни училишта, посигурни пензии…
– Таа создава нелојална конкуренција, ја руши довербата во институциите и го демотивира секој што работи чесно. Нашата цел е јасна: формалната економија да стане попривлечна од неформалната, да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално – рече Мицкоски, истакнувајќи дека борбата против сивата економија не може да биде само инспекциска туку и системска.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, истакна дека со ревидираниот акциски план за 2026-2027 ќе се постави јасна и мерлива цел за намалување на неформалната економија од 28,9 проценти на 26 проценти од БДП до крајот на 2027 година.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик што ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
– Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и послаб квалитет на животот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија – потенцираше министерот.
Министерството за економија и труд годинава обезбеди 40 милиони евра за новиот оперативен план за вработување, со мерки насочени кон формализација на работата и отворање нови работни места. Дополнително, донесен е Законот за работно ангажирање лица, чија цел е формализирање на одредени форми на работа и приспособување на законската рамка на реалните потреби на пазарот на трудот. Од 1 јануари 2026 година започнува и примената на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со кој се стимулираат компаниите што инвестираат, отвораат нови работни места и остваруваат раст.
На конференцијата беше потпишана и декларација за партнерство и акција – „Заедничка посветеност за формализација на неформалната економија во Северна Македонија“, со што институциите, бизнис-заедницата, синдикатите и академската јавност ја потврдија заедничката заложба за координирано дејствување.












