Годишната инфлација во јули се намали од 4,9 на 4,4 проценти. Податокот дека почна да се топи инфлацијата го подгреа оптимизмот на премиерот Христијан Мицкоски, кој очекува да продолжи овој тренд и да дојдеме до оние стабилни 2 или 2,5 проценти. Неговиот став се темели и на информацијата, дека месечната инфлација во август била намалена во однос на јули.
Премиерот Мицкоски нагласи дека ако се направи длабинска анализа, ќе се види дека на месечно ниво првпат базичната инфлација е во негатива, односно во минус.
– Ако се направи длабинска анализа, ќе се види дека на месечно ниво првпат базичната инфлација е во негатива, односно во минус. Тоа е добар индикатор дека имаме полека стагнирање и намалување на базичната инфлација, која беше главен „драјвер“, двигател на генералната инфлација. Мерките не се така интензивни, кои ги правевме, ние се одлучивме и покрај критиката што ја добиваме од одредени невладини, синдикални здруженија итн., да водиме многу внимателна макроекономска политика, да направиме баланс помеѓу растот на платите и инфлацијата, односно секогаш растот на платите да е повисок барем двојно од растот на инфлацијата. Целта е граѓаните да имаат подобар стандард, така ќе продолжиме без интервенционизам – рече Мицкоски.
Тој додаде дека се вршат интензивни контролите од Државниот пазарен инспекторат и од Комисијата за заштита од конкуренција.
– Нормално, не правиме естрада и парада од тоа, па сето тоа да го соопштуваме пред камера, но континуирано имаме мониторинг и најмалку еднаш до два пати неделно добивам извештај од двете институции – посочи Мицкоски.
И гувернерот Трајко Славески е оптимист дека за година-две инфлацијата ќе се врати на историскиот минимум од два процента.
– Скротувањето на инфлаторната спирала ѝ оди потешко на земјава во споредба со европските држави, но причината за тоа лежи во високите инфлациски очекувања кај граѓаните и кај производителите, притисокот на синдикатите за повисоки плати, кои се едни од клучните фактори. Граѓаните и производителите очекуваат раст на цените, што само ја одржува ценовната динамика – вели Славески.
Според него, инфлацијата може трајно да се намали само ако внимателно се комбинираат монетарната и фискалната политика и се фокусираат на долгорочни инвестиции.
И економските експерти се на сличен став дека мора да се регулира инфлацијата преку потези на монетарната и на фискалната политика, бидејќи се покажа дека старите мерки не даваат ефекти на краток рок.
Инаку, според Статистика, инфлацијата во август, сепак, бележи пораст, и тоа 0,2 отсто на месечно и 4,4 отсто на годишно ниво.