-Не сум оптимист за носењето на Изборниот законик затоа што имаме работа со неодговорни и незрели политичари во опозицијата, изјави денеска македонскиот премиер Христијан Мицкоски. За време на престојот во скопската општина Сарај, тој одговори на новинарско прашање околу шансите денеска да биде постигнат договор за донесување на Изборниот законик, а со што Македонија би добила четири милиони евра европски пари.
Мицкоски рече дека владината коалиција е и на таму на ставот дека ќе прифати се што ќе предложи опозицијата но под услов да се овозможи гласањето на дијаспората.
-Ние како владина коалиција го усогласивме нашиот став и на маса им кажавме, еве, договорете се, напишете го, донесете го, се додека гласањето на дијаспората е вклучено во истоот, ние бланко ќе го поддржиме. Поминаа денови, тие се натегаа кој кого ќе го викне, каде ќе се одржи состанокот… Денеска ги повикувам на зрелост, на одговорност и претседателиот на ДУИ, на СДСМ, на Левица, крилата на Села и Таравари, како опозициски партии да седнат заедно и да се договорат и да донесат закон во кој ќе биде вклучено гласањето на дијаспората. Тогаш, кога тие ќе кажат дека е завршено, ние ќе го прифатиме без воопшто да полемизираме на таа тема. Не знам што друго поконкретно ние како Влада може да направиме – потенцира Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на обвинувањата од СДСМ за тоа дека се лаже за изборниот законик дека е европски услов, иако е јасно дека е дел од Планот за раст тој рече дека е доволно да се види што неодаман го порачала еврокомесарката Марта Кос.
-Често пати велам и не знам дали понекогаш СДСМ и треба да ја коментираме, но ова прашање заслужува коментар, бидејќи е значајно за граѓаните и за државата. Впрочем сите можеа да ја слушнат комесарката Марта Кос како таа тоа го кажа. Еве мене не мора да ме слушаат, неважен сум јас во случајот, еве нека ја слушаат комесарката Кос, таа го кажа дека тоа е дел од реформите коишто се битни за евро-интеграција. Знаете чудни се некои политичари во опозицијата. Кога станува збор за нивен интерес т.е. да бидам попрецизен, нивен џеб, тогаш полна им е устата со Европа, Европа и само Европа. Кога треба да зборуваме за одговорност и носење потези, а кога се во опозиција, тогаш сѐ прават само за да ние таму не стигнеме каде што треба да стигнеме. Но и со нив и без нив, ние продолжуваме да ги реализираме стратешките цели, а тоа е полноправно членство на земјата во рамките на Европската Унија – нагласи македонскиот премиер. (Б. Ѓ.)












