Мицкоски: Најмалку што може да направи ЕУ е да не нè дискриминира

31

Имаше регионална иницијатива не само од наша страна туку и од другите шест земји од Западен Балкан. Треба час поскоро да се разгледа тоа и да се олесни пристапот на превозниците и онаа зелена лента што се најавуваше од Европската комисија да профункционира. Мислам дека нема биде проблем тоа, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со претставниците на Стопанската комора на северозападна Македонија.

– Но, она што ќе го поставам како прашање и на дискусијата сега со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, но и на Берлинскиот процес, ќе биде токму тоа – кога слетате на кој било европски аеродром на земја членка на ЕУ, има натпис „граѓани на ЕУ“ и „граѓани што не се од ЕУ“, а се дел од Европа и други граѓани, и ако навистина сакаме до 2030 да го видиме регионот како дел од Европа, мислам дека најмалку што може да направи ЕУ е да не нè дискриминира, сите да можеме да бидеме граѓани на Европа и сите да можеме да поминуваме пасошка контрола и да не бидеме дискриминирани зашто не сме дел од ЕУ. Да поминуваме на брза трака, сите поседуваме биометриски пасош – рече Мицкоски.

Тој порача дека ако има волја, има и начин.

– Еве, ова нека биде првата испорака што би ја дала ЕУ за Западен Балкан и ова ќе биде дел од мојата дискусија со Фон дер Лајен и со колегите од Европската Унија во текот на Берлинскиот процес – истакна Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ