Мицкоски најавува непопуларни мерки за да се заузда инфлацијата и да се спречи дивеењето на трговците

814

Нема да толерираат дивеење од одредени синџири ма супермаркети, кои преку скриен маркетинг се обидуваат да ги изиграат законите, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој најави дека Владата размислува зголемувањето на платите да биде врзано со растот на продуктивноста.

– И последните состаноци што ги имавме на оваа тема со експерти се во таа насока – дека главен поттикнувач на сето ова претставуваат услугите. Анализиравме во проценти, во одредени сектори тие се зголемени за повеќе од 20 проценти. Тука ние, како Влада, не можеме премногу, немаме голем маневарски простор за да интервенираме. Но, секако, со ваквиот начин на однесување каков што е, еве, да речеме, пред почетокот на учебната година, ограничување на маржите, а како репер да бидат цените од 1 јуни за училиштен прибор, опрема и за друг тип помагала што им се потребни на учениците, но и да го олеснат семејниот буџет, би рекол, да биде во поднослива состојба, ние ќе го правиме тоа. И го правиме тоа. Верувајте дека анализата покажа дека ад хок ограничувањето на маржите се прелева во месеците што следуваат. Сега тука има една дилема, ако воспоставиме еден континуитет цела година, тогаш дали имаме пазарна економија? Дали имаме пазарна економија и дали имаме општество што се темели на пазарна и слободна економија? Но, тоа не значи дека ќе толерираме дивеење од одредени синџири на супермаркети, кои преку скриен маркетинг се обидуваат да ги изиграат законите – рече Мицкоски.

Премиерот најави дека Комисијата за заштита на конкурентноста многу скоро ќе излезе на терен и дека ќе следуваат санкции за скриените „маркетинг-услуги“.

– И со ова многу сериозно се занимава Комисијата за заштита на конкурентноста. Многу скоро ќе излеземе на терен, веќе ја зајакнавме кадровски, беа примени нови луѓе. Ќе се излезе на терен и овие скриени „маркетинг-услуги“, кои дел од снабдувачите, производителите и трговците ги поставуваат во синџирите супермаркети за на подобро место да стои нивниот производ, ќе бидат жестоко, верувајте, жестоко санкционирани. Тоа е едниот начин – рече тој.

Мицкоски потенцира дека вториот начин е обидот да интервенираат во делот на услугите.

– И тука, исто така, во рамките на можностите. Ние не можеме да ги ограничиме рестораните, кафулињата итн. или транспортните компании која е цената што ќе ја постават за таа услуга. Ќе повторам, сè додека може некој да ја плати таа услуга, тие, за жал, ќе ја качуваат, и тоа ќе влијае негативно на конечната инфлација. Така што и тука ќе имаме мерки – рече тој.

Премиерот нагласи дека размислувањето во иднина ќе биде во делот на зголемување на продуктивноста.

– И делот што се однесува на примањата и на размислувањето, во иднина ќе биде во делот на зголемување на продуктивноста. Поврзување на продуктивноста со зголемувањето на личните доходи. Да, тоа може да има и политички последици за нас, ќе има и, сигурно, некои што ќе бидат незадоволни. Но подобро, еве, да ги имаме тие политички последици сега отколку граѓаните да чувствуваат ваков вид, би рекол, неконтролирана инфлација на долг рок. Иако морам да кажам дека во рамките на јули ние се движевме во рамките на тие 4,5 проценти инфлација, како и сите држави во регионот – од Унгарија, Словенија, па сè до Грција. Така што ова е еден поопфатен пристап, кој очекуваме дека ќе даде исклучително големи резултати на среден рок – рече премиерот Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ