Мицкоски најави дека наскоро ќе имаме не една, туку пет потрошувачки кошници

355

Ќе имаме пет потрошувачки кошници, една за самец, за млад брачен пар, за тричлено, за четричлено семејство и за пензионери. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски кој рече потребите на сите се различни и рече дека за ова се консултирал со академската фела.

-Интензивно работиме со професори и со министерот за економија, Бесар Дурмиши на оваа тема. Како што сум информиран процесот на утврдување на репрезентативност на синдикатите е завршен и наскоро ќе се одржи седница на Економско социјален совет на која ќе се разговарља и за потрошувачката кошница. Сметам дека тука треба да има пет сегменти, односно да има потрошувачка кошница за самец, за млад брачен пар, за тричлено семејство, за четричлено семејство и за пензионери. Потребите на еден пар пензионери се различни од потребите на еден млад брачен пар, изјави Мицкоски.

Тој појасни дека за овој предлог се консулирал со академската фела и додаде дека се потребни повеќе анализи за да се дојде до подобри резултати.

Инаку податоците од Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека вредноста на синдикалната минимална кошница за домаќинство за јули 2025 година достигна 65,328 денари. Ова претставува пораст од 630 денари во споредба со претходниот месец (јуни 2025), кога таа изнесуваше 64,698 денари.

ССМ дополнително истакнува дека со вклучен трошок за изнајмување стан од 60 квадратни метри за месец јули, вкупната вредност на кошницата се зголемува на 80,703 денари.

Вредноста на Синдикалната минимална кошница (СМК) за храна и пијалаци, која опфаќа 63 производи, за јули 2025 година изнесува 23,682 денари. Во споредба со јуни 2025 година (23,167 денари), забележано е зголемување од 515 денари.

-Од податоците на синдикалната минимална кошница евидентно е дека откако завршија активните владините мерки, вредноста на синдикалната минимална кошница за три месеци е зголемена за 2,637 денари односно за 4,20 проценти, додека кај храната и пијалаците за три месеци има зголемување за 2,202 денари односно за 10,25 проценти, наведуваат од ССМ.

Оттаму додаваат дека македонските работници сè потешко успеваат да ги покријат основните животни трошоци. Животот во Македонија станува сè поскап, а платите недоволни за овозможување на најосновните услови за достоинствен живот.

-Цените на овошјето се уште ги шокираат граѓаните, особено цените на увозните земјоделски производи. Црешите кои се уште имаат висока цена се недостижни за голем дел од граѓаните, а слична е ситуацијата и со праските грозјето чии цени се над 150 денари за килограм. Високите цени веќе го изедоа покачувањето кое граѓаните го добија со усогласувањето на платите во март. Поради тоа неопходно е што побрзо да се донесат мерки, бидејќи ќе почне предизборен молк, изјавија за весникот ВЕЧЕР од ССМ.

Синдикатот бара и итно зголемување на минималната плата, како и усогласување на останатите плати со реалните трошоци за живот.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ