понеделник, јануари 19, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Мицкоски на Светскиот економски форум во Давос, во фокусот економскиот раст, енергетиката...

Мицкоски на Светскиот економски форум во Давос, во фокусот економскиот раст, енергетиката и стратешките инвестиции

8

Започнува 56. Светски економски форум во Давос, каде што водечките светски лидери од политиката, бизнисот и граѓанското општество се среќаваат за да дискутираат за иднината на глобалната економија под мотото „Во духот на дијалог“. Настанот ќе трае до 23 јануари 2026 година, а ќе има повеќе од 3.000 учесници од 130 земји, вклучувајќи 65 шефови на држави и влади, како и повеќе од 850 извршни директори.

Република Македонија, оваа година, е претставена со висока владина делегација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Премиерот ќе учествува на повеќе панел-дискусии и затворени лидерски сесии, при што фокусот ќе биде ставен на одржливиот економски развој, енергетската транзиција и искористувањето на новите технологии, особено вештачката интелигенција.

Во рамки на Форумот, Мицкоски ќе има и билатерални средби со претставници на глобални корпорации и финансиски институции, со цел промоција на инвестициските можности во Македонија. Како приоритетни области се истакнуваат енергетиката и технолошкиот развој, а посебен акцент ќе се стави на инфраструктурното поврзување на Западен Балкан.

Безбедносните мерки на Форумот се на највисоко ниво – со затворен воздушен простор во радиус од 46 километри, присуство на борбени авиони и до 5.000 војници ангажирани за логистичка и техничка поддршка. Исто така, се очекува ова да биде едно од највисоко посетените изданија на Форумот досега, со учество на бројни ВИП-личности, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп, кој се враќа во Давос по шест години.

Светскиот економски форум се позиционира како платформа за глобален дијалог и решенија во време на зголемени геополитички тензии, климатски предизвици и технолошки трансформации. Учеството на Македонија претставува значаен чекор кон меѓународна видливост и економска интеграција.

 

ИЗДВОЕНИ