Премиерот Христијан Мицкoски вечерва се обрати на Светосавската свечена академија, порачувајќи дека овој настан со својата духовна и културна димензија не потсетува на трајните вредности што не поврзуваат.
Денешниот ден посветен на светителот Сава ги истакнува просветата и духовното единство на српскиот народ, вклучително и на граѓаните кои живеат тука во Македонија, но во исто време е еден од камен темелниците на балканското духовно и културно наследство заедно со светлите ликови и датуми на останатите балкански народи, рече тој во обраќањето.
Тој додаде дека затоа што тие се нашата заедничка ризница и ние како генерација сме должни да ја негуваме меѓусебната почит и разбирање и на тој начин да ги продлабочуваме заедничките врски како народи.
Мицкоски нагласи дека тука во Македонија со векови сме живееле како мозаик од различности, сме соработувале, сме се радувале на убавите работи, и сме тажеле заедно кога било тешко и заедно сме успевале да ги пребродиме сите предизвици и дека дволно се делевме и спротивставувавме.
Кога соседите се почитуваат, кога културите се среќаваат и се надополнуваат, тогаш се отвораат нови можности и хоризонти за заеднички проекти, но и за трговија, за инвестиции, за млади кои учат еден за друг, еден од друг. Тоа е нашата иднина, иднината на регионот. Ние не сме осудени да живееме еден покрај друг, туку сме судбински врзани да работиме еден со друг, за подобро заедничко утре, порача тој.
На Светосавската свечена академија од македонска страна покрај премиерот Мицкоски присуствуваат вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заменик претседателот на Владата за политички систем Љупчо Димовски.












