Мицкоски: Македонските граѓани живеат тешко, но важно е дека се враќа надежта

92

Македонските граѓани живеат тешко, како и другите жители во регионот, но она што е разлика е дека се враќа надежта, изјави премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Еуроњуз“. Тој се осврна на економската состојба во државата и на животниот стандард на граѓаните и рече дека параметрите што се постигнати оваа година се многу јасни.

– Во 2024 година, милијарда двесте педесет и пет милиони евра странски директни инвестиции. Македонија е земја со најголем број странски инвестиции по глава на жител во Европа. Инфлација март 2,7 отсто на годишно ниво, на месечно ниво – 1,3 отсто, значи дефлација. Дури и во потрошувачката кошничка што ја пресметува Синдикатот има намалување на цените во споредба со претходната година. Април – 2,6 отсто, а на месечно ниво – 0,6 отсто. Платите, пак, растат од 9 до 10 отсто на годишно ниво. За економијата и БДП, Светска банка ни предвидуваше 1,8 отсто, а ние во 2024 година имавме 2,8 отсто, поради силниот раст над 3 отсто во третиот и во четвртиот квартал од 2024 година. Тоа се бројки, а јас сум математичар и сакам да зборувам за нив, тие се рефлектираат во практиката – истакна Мицкоски во интервјуто за „Еуроњуз“.

Тој неодамна изјави дека се реални шансите економскиот раст на државата во првиот квартал да биде меѓу 3,5 и 4 отсто, со што ќе бидеме едни од најдобрите во Европа.

Според него, ако се подобри состојбата во автомобилската индустрија во Европа, тогаш имаме шанси за уште повисоки стапки на раст, кои ќе се движат меѓу 5-6 проценти.

– Светска банка во 2024 година прогнозираше дека ќе имаме раст од 1,8 отсто и беше песимист, требаше да биде поголем оптимист. Ние имавме 2,8 отсто раст, што не е доволно, но доволно е што во третиот и во четвртиот квартал од минатата година имавме стапки на раст над 3 отсто. И за првиот квартал од оваа година, имајќи ги предвид првичните индикатори од индустриското производство, туризмот и од другите гранки, не би се изненадил ако имаме економски раст меѓу 3,5 и 4 отсто, што ќе претставува еден од најдобрите во Европа – изјави Мицкоски.

Според него, имаме потенцијал и со перформансите сме пред сите други, но не можеме наеднаш да направиме целосна трансформација.

– Нашите трговски партнери имаат или негативен раст или раст меѓу 0 и 1 отсто. Ние не тргуваме со земји што имаат 6, 8 и 10 отсто економски раст, ако имаме некакви трговски односи, тогаш сме во голем дефицит. Ние имаме висок раст, кој во нормални околности би бил 5 или над 5 отсто. Под претпоставка да се остварат програмите на Министерството за финансии, оваа година ќе ја завршиме со раст меѓу 3,5 и 4 отсто, кој ќе биде еден од најдобрите во Европа и кој во нормални околности е еквивалентен на 6 отсто раст – појасни Мицкоски.

 

ИЗДВОЕНИ