Владата останува 100 проценти усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, што претставува важна придобивка за карактерот на нашите меѓусебни односи и за нивото на нашата посветеност кон европските вредности. Како Влада остануваме целосно посветени на европскиот пат и на реформите кои ја прават државата посилна, пофункционална и поправедна. Ќе ги адресираме сите области каде е забележан застој со конкретни мерки и отчетност. Нашата цел е полноправно членство во рамки на ЕУ, порача премиерот Христијан Мицкоски на денешната заедничка прес-конференција со ЕУ амбасадорот Михалис Рокас, по примопредавањето на Извештајот за напредокот на земјава.
Според премиерот, Извештајот на ЕК, не е оценка за една година или една Влада, туку за континуитет на реформски процеси, за нивото на институционална зрелост и начинот на кој земјата одговара на долгорочните европски приоритети.
„Во Извештајот се нотира дека во некои области постои одреден или ограничен напредок, конкретно нема области со назадување, а во четири поглавја е забележан добар напредок. Во едно поглавје, слободно движење на капиталот, дури и е зголемено нивото на подготовка благодарение на приклучувањето кон СЕПА и спроведувањето на мерките против перење пари и финансирање тероризам. Комисијата ги поздравува чекорите направени во делот на економијата со стабилен банкарски сектор умерен раст на БДП, усвојување на Законот за јавна внатрешна контрола и назначување на членовите на фискалниот совет, мерки кои ја зајакнуваат фиаскаланата дисциплина и транспарентност“,
рече Мицкоски.
Како што посочи тој, позитивни оценки има и за дигитализацијата и модернизацијата на јавната администрација, воспоствување системи за е-набавки и зајакнувањето на сајбер безбедноста.
„Напредок е забележан и во образованието, науката и младинските политики, особено преку зголеменото учество во програмите Horizon Europe и COST. Во областа на инфраструктурата, Европската комисија ги нотира големите активности околу Коридорот 8, TЕН-T мрежата и новиот Закон за енергија со кој се отвора патот кон зелена и праведна транзиција. Континуирано ја унапредува својата подготвеност во областа на слободата на изразување и медиумските слободи. Важно е да се потенцира делот дека е постигнат реален напредок во клучни сегменти на медиумската регулатива и институционалната независност. Особено за финансиската независност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги која е зајакната и тоа претставува важен чекор кон транспарентно и професионално медиумско работење“,
рече премиерот.
Во однос на законодавната рамка, додаде тој, иако се потребни дополнителни усогласувања со европското законодавство, особено со Европскиот акт за медиумска слобода (ЕМФА), на кои во идниот период Владата ќе работи, веќе се направени конкретни чекори напред во Законот за медиуми.
„Се разбира, Извештајот посочува и на предизвици што државата мора да ги адресира со уште посилна динамика. Предизвици постојат во делот на владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата. Политичката поларизација и недоволната соработка меѓу институциите остануваат пречки што ја забавуваат имплементацијата на реформите“,
изјави Мицкоски.













