Премиерот Христијан Мицкоски очекува челниците на локалната власт во Гостивар да понесат морална одговорност за епидемијата од стомачен вирус предизвикана најверојатно од водата за пиење од градскиот водовод.
„Значи сега треба Водовод во Гостивар да пристапи кон прочистување на системот за да можат граѓаните да ја користат водата за технички потреби и за хигиена, бидејќи сега во моментот вака како што е не треба ниту за хигиена да ја користат. Но, тоа зборувам. Сега треба од денеска па натаму локалното „ЈП Водовод“ да започне со чистење на системот, хлорирање и да речеме во рок од ден, два или три да можат граѓаните да ја користат за техничка потреба. Тоа е веќе во ингеренциите на локалната самоуправа. Инаку за морална одговорност, апсолутно таму од прв до последен треба да понесат одговорност, покрај тоа што претпоставува Обвинителството ќе се занима со друга одговорност. Очекувам дека од градоначалникот па надоле сите треба да понесат одредена морална одговорност. А ние како владини институции ќе продолжиме и понатаму да колку е возможно со иницијативи од типот на онаа вчерашната да го олесниме животот на гостиварчани во делот на снабдување со вода за пиење и колку толку од таа вода да се користат за реализирање на техничките потреби и хигиена, изјави Мицкоски од Велес каде присуствуваше на реконструкција на улици. (П.А.)












