Мицкоски: Каде исчезнаа 200 000 Македонци за девет години во Бугарија?

578

Суштината на тезите што доаѓаат од Бугарија е асимилацијата што е направена со Македонците, оцени денеска македонскиот премиер, Христијан Мицкоски. Тој одговори на новинарско прашање дали македонскиот Парламент ќе носи нова резолуција во врска со прашањето со Бугарија, а во пресрет на претстојното изјаснување во Европскиот парламент за извештајот за напредокот на Македонија.

– Македонскиот Парламент носеше многу резолуции во минатото. Изминатите месеци работевме на извештајот на известувачот на Европскиот парламент (Томас Вајц) за текстот јасно да ги изразува посебниот вековен македонски идентитет и јазикот. И се постигна тоа. Знаете, минатиот период бевме обвинувани што правиме, како правиме. Работите во животот мора да ги правите со мали, но сигурни чекори. Квантните чекори на минатата Влада нè вратија квантни чекори назад – рече Мицкоски при посетата на Институтот за јавно здравје.

Тој рече дека жали што пратениците кај нашиот источен сосед се обидуваат на ваков начин да предизвикаат остра реторика во Македонија.

– Ние нема да го направиме тоа, само ќе изразиме жалење и ќе повикаме на добрососедски односи и на поддршка на добриот сосед Македонија. Но, она што повеќе ме загрижува е обидот на европратеник од владејачката ГЕРБ во Бугарија да вметне амандман во извештајот со кој македонскиот идентитет ќе го дефинира како „презент“, односно сегашен, со што јасно ја вади на површина политиката на живковизмот, која е, за жал, сè уште жива кај политичарите во Софија – рече тој.

Според него, и со ова се потврдува нашата теза дека не се проблем нашите 200 000 Македонци што живеат таму да влезат во преамбулата.

– Туку се работи за целосна асимилација и потврда на тезата на живковизмот дека македонскиот идентитет бил направен во соработка со Тито и Коминтерната. Јас ги повикувам политичарите во Брисел внимателно да слушнат какви пораки ќе доаѓаат од нивните колеги европратеници и какви пораки ќе доаѓаат од Софија во 21 век. И дали има воопшто нешто заедничко тоа со европските вредности. Суштината на таа теза е асимилација. Исто како што на пописот во 1956 година, во Бугарија постоеле речиси 200 000 Македонци, а на пописот во 1965 година – едвај 9 000. Прашањето е каде исчезнаа 200 000 Македонци за 9 години – праша македонскиот премиер.

ИЗДВОЕНИ