Молк од официјална Софија на понудата од македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, двете земји да поднесат заедничка резолуција во Европскиот парламент каде „јасно ќе стои македонскиот многувековен посебен идентитет и јазик“. До овој момент, никој од бугарските лидери не излезе со одговор на оваа иницијатива, предложена од Мицкоски во вчерашното телевизиско гостување, кога премиерот даде отворена понуда до официјална Софија – ако е вистина дека проблемот се само Бугарите во Устав, двете земји да поднесат заедничка резолуција во Европскиот парламент со која се гарантира посебноста на македонскиот идентитет и јазик. Премиерот повтори дека суштината не е вметнувањето неколку стотици граѓани во Уставот и дека се обидува во Брисел да им ја претстави суштината на проблемот.
– Секогаш сум им велел да направивме елементарен чекор – да се обидеме Европарламентот со мнозинство гласови да донесе одлука или резолуција, или да биде дел од извештај, со кој македонскиот јазик и македонскиот идентитет јасно ќе се признаат за посебни… Европа можеше да види дека промената на Уставот не е единственото нешто што треба да го направиме за да може да продолжиме, впрочем многу влијателни фигури во Бугарија тоа го кажуваат. Пред некој ден слушнав изјава од претседателот Радев во која вели дека единствениот услов што треба да го направи Македонија е да го смени Уставот. Ние во Договорот за добрососедство немавме никаков услов. Потпишан договор во кој Бугарија треба да нè поддржува во рамките на процесот на преговори и членство. Па добивме вето, затоа што ние не сме го исполнувале договорот и не сме ги испорачале малцинските права на бугарската заедница во Македонија, изјави Мицкоски во гостување на ТВ Канал 5.
И пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на прес-конференција ја поддржа иницијативата за заедничка резолуција со Бугарија во ЕП.
– Ако Бугарија тврди дека проблемот, на отпочнувањето на преговорите со ЕУ, се само Бугарите во Уставот, предлагаме да поднесеме заедничка Резолуција во ЕП со која ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик. Претседателот на Владата, Мицкоски, ја даде оваа отворена понуда до бугарскиот претседател, Румен Радев, и до нивната влада. Доколку пречка за македонските евроинтеграции е само внесувањето на Бугарите во Уставот, тогаш не би требало да биде никаков проблем заедно со соседна Бугарија, да поднесеме резолуција која ќе ја гарантира македонската идентитетска и јазична посебност, а истовремено ќе ја зголеми и довербата помеѓу Македонија и Бугарија. Уште веднаш, можеме да поднесеме заедничка резолуција, да ја зацврстиме меѓусебната соработка на овој план и да го решиме проблемот за отпочнувањето на европските интеграции. Понудата што е дадена од премиерот Мицкоски, е отворена, рече Милошоски.
Тој предупредува дека некои бугарски владини претставници имаат „задни намери“ и отворањето на Уставот е само почеток на многу други барања и многу други изговори за идни блокади.
– Реалноста е дека добар дел од официјалните претставници на Бугарија работат на негација на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик, нешто слично како што Русија ја негира самобитноста на украинскиот јазик и посебноста на украинскиот народ. Бугарија, за жал, сака да спроведе еден историски инженеринг, каков што не е спроведен никаде во современиот демократски свет. За жал, помош за ваквиот обид на официјална Софија добиваат и од некои претставници на СДСМ. Конкретно, претседателот на СДСМ е спремен сервилно да изгласа сè што Бугарија ќе стави на маса, а тоа го потврди и самиот Венко Филипче во неколку негови настапи, рече Милошоски на прес-конференција.
Нема чекор назад
Во период кога европските интеграции на Македонија повторно се наоѓаат во сенката на чувствителни прашања околу националниот идентитет, премиерот настапува со остра реторика и недвосмислено порачува дека идентитетот, јазикот и културните вредности не се предмет за политичко пазарење — ниту со Бугарија, ниту со Европската Унија. Нагласува дека сите сме за ЕУ и сите сакаме да бидеме во ЕУ, но не по секоја цена. Според него, предлозите „сегашен“ и „модерен“ не се ништо освен асимилација.
– Ако е цената e асимилација, не благодарам, не сакам. Како да бидам политички аналфабет, како некој пред мене, и да прифатам нешто без да знам дека на крајот ќе има јасен крај. Како ќе излезам пред граѓаните? Јас не сакам да ја платам таа цена, мислам дека е преголема, без да има испорака од двете страни. Јас сум политичар со легитимитет добиен од граѓаните… Сите сме за ЕУ и сите сакаме да бидеме во ЕУ, но не по секоја цена. Овој народ и оваа држава дала премногу како никој друг и на граѓаните им е преку глава од таков тип политика „сега или никогаш“… Се менува нашиот идентитет, од знамето до името, тоа е дел од основните темелни вредности на еден идентитет, атрибути кои дефинираат еден идентитет. Една по една, се менуваат, рече Мицкоски во гостувањето.
Премиерот истите ставови ги искажа вчера и на трибина во Гевгелија. Оттаму порача дека нема простор за играње со националните чувства.
– Веќе нема полтрони и снисходливи, срамни политичари што ја срамотеа државата, што ја „виткаа кичмата“ на едно кивање однадвор. И тоа му пречи на некого. Филипче вика Бугари во Устав, зошто да не. А веднаш потоа и самиот признава, и самиот знае дека тоа не е единствениот услов, туку во игра се и јазикот, идентитетот и културата. Тој свесно прифаќа да се прифатат бугарските барања и да се пазариме за наредната фаза, наредната црвена линија од која нема назад, идентитетот и јазикот. Е тука имаме голема разлика, нема попуштања и нема чекор назад, зашто веќе нема простор за играње со националните чувства, рече Мицкоски на трибината каде говореше и за „дволичноста на Европа, за двојните стандарди што ни ги наметнуваат, за предолгото чекање и намаленото трпение“.
Според Мицкоски, нема „поглупава теорија“ од ставот на опозицијата дека со внесување на Бугарите во Уставот ќе се зацврсти нашиот идентитет. Како што рече, за ова прашање ќе седне да разговара со опозицискиот лидер Венко Филипче доколку види дека кај СДСМ има „себепрекор за грешките“ и промена во ставовите кои, рече, се дијаметрално спротивни со ставовите на Владата.
Лидерска – ако има потреба
Претходно, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во телевизиско интервју уште еднаш упати апел за лидерска средба на која, како што рече, би се детерминирале црвените линии и би се постигнал натпартиски консензус за клучните државни прашања. Филипче оцени дека пораз на Владата е тоа што во Европскиот парламент беше изгласан Извештајот за напредокот на Македонија без македонски јазик и македонски идентитет. Според него, проблемот со Бугарија нема да го решиме ни брзо, ни лесно, но прашањето е дали додека го решаваме ќе стагнираме.
– Натпартиски консензус е единствено можно решение за клучните прашања, но за да се направи тоа треба да се седне и да се разговара, да нема калкулации и предрасуди, да видиме кои се нашите црвени линии. Подготвен сум во кој било момент да седнеме да разговараме и да видиме како ќе продолжиме напред. Зошто не прифаќаат средба кога толку повикуваат на национално единство? Јас сум подготвен да ги детерминираме црвените линии и да го продолжиме европскиот пат. Имаме очигледно различни позиции, јасно е тоа, и жалам што е така, но треба да почнеме со решавање на проблемите, нагласи лидерот на СДСМ.
Мицкoски изјави дека не гледа причина зошто би организирал уште една лидерска средба со претседателот на СДСМ.
– Па добро, честопати ме канат на лидерски средби. Ние имавме една лидерска средба со господинот Венко Филипче. Доколку би имало потреба од таква лидерска средба, не гледам зошто да не би ја организирале. Но, во моментов не гледам таква причина зошто би организирале лидерска средба, уште една, рече Мицкоски.
Првичната комуникација меѓу Филипче и премиерот Мицкоски во април не доби продолжение, и покрај договорот за формирање работни групи. Иницијативата на движењето ЗНАМ за национална платформа остана без поширока поддршка од партиите. За разлика од тоа, бугарското собрание со речиси едногласна поддршка усвои нова резолуција, потврдувајќи единствена национална позиција за македонските евроинтеграции. (В.С.Н.)