Истрагата за дрогата води до лица од опозициската СДСМ, делумно и до Европскиот фронт и поранешни политичари, изјави вечерва премиерот Христијан Мицкоски, кој вели дека се ќе биде поткрепено со докази.
– Нема да зборувам, но мислам дека ќе дојдат до многу важни имиња кои дел се или поврзани со моменталната опозициската СДСМ, делумно со таканаречениот Европски фронт, но и поранешни политичари. Само тогаш да не биде дека тоа е политички реваншизам и хајка, затоа што се ќе биде поткрепено со докази. Да не биде тогаш „зошто моето семејство“ – сите ќе бидат вклучени, бидејќи знаат да го напаѓаат моето семејство и семејствата на луѓето од Владата, треба да се свесни дека нивните семејства за кои постојат докази посебно во овој случај ќе бидат одговорни за многу работи, рече Мицкоски во Само интервју на Канал 5.
Потврди дека со кривична пријава ќе бидат опфатени 10 лица велејќи дека ова е само почеток.
– Сите забораваме колку пати претходната влада на СДСМ и ДУИ се обидуваше да го промени Законот за одгледување на канабис и да се дозволи извоз на цвет од канабис. Дури на најстроги празници свикуваа седници во Собрание. Еве самите гледаме што барале производителите. Не може вашата економска програма да се темели на производство на канабис, самото по себе е поразително, рече Мицкоски.
И министерот за внатрешни работи потврди дека 10 лица кривично ќе одговараат за случајот со петте тони марихуана пронајдени во Србија.












