Мицкоски и Таравари разговараат дали АА останува во Владата

16

Во Владата за попладнево (17:00) е најавена средба помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство и лидер на крило на Алијанса за Албанците (АА), Арбен Таравари, на која треба да разговараат дали постои соработка со ДУИ за Локалните избори и за останување на партијата во владината коалиција. Официјална потврда дека средбата е почната засега нема, а од владината прес-служба велат дека ќе имаат информација дополнително.

Мицкоски денеска соопшти дека на средбата сака да слушне која опција ја избира Таравари – „патот на реформи и владеење на правото, борба за праведно општество и институции кои функционираат“ или ќе им се придружи на „оние политички сили кои со години ја криминализираат и уништуваат државата“.

Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Штип, Мицкоски рече дека „со или без господинот Таравари Владата е стабилна, цврста и со големо мнозинство“ и оти останува на него и неговите сопартијци да одлучат за една од двете опции.

Како што рече, „заткулисни игри се провидни игри, лесно се идентификуваат и познаваат и најчесто им се удираат од глава на оние кои што ги прават“. Мицкоски во вчерашната изјава, кога ја најави средбата со Таравари, рече дека сака јасно да слушне „ дали е точно дека има договор помеѓу партијата на Таравари и ДУИ“ за поддршка на изборите, порачувајќи дека за него тоа е неприфатливо.

Арбен Таравари, пак, во Тетово изјави дека остануваат на одлуката донесена на Претседателството на партијата на Локалните избори во октомври да настапат со посебни советнички листи „и најверојатно сопствени кандидати за градоначалници во општините каде што излегуваат“, но дека ќе го слушне и ставот на премиерот по што ќе проценат како Алијанса ќе продолжи понатаму.

Средбата следува по превирањата и во коалицијата Вреди во која учествуваше АА на Таравари откако другите три партнерски партии не се согласија тој на изборите да настапи со посебни советнички листи. Тие го обвинија дека преговара со лидерот на ДУИ Али Ахмети и дека самиот се исклучил од Вреди. Во меѓувреме, трите партии од Вреди (Алтернатива, Беса и Демократско движење) објавија дека коалицијата ќе дејствува како еден политички субјект.

ИЗДВОЕНИ