Премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истапот на кандидатот за градоначалник од редовите на „Вреди“, Хаким Рамадани, кој повика Брвеница да биде „албанска општина“, денеска го оцени како голема грешка.
– Со жалење го слушав она што го кажа Хаким Рамадани во една егзалтирана состојба. Не знам дали тоа беше специфичен момент за него, но мислам дека направи голема грешка. Пред сè, за кандидатите за градоначалници на „Вреди“, од истата коалиција за која настапува. Замислете што ќе се случува сега во Тетово, во Струга, во Дебар и во одредени други општини. Толку себичен потег од политичар, Македонија не видела во поновата историја – да ветува и да мисли само на себе и на својот кусоглед интерес. Притоа, да ги занемари сите останати кои се борат за градоначалнички мандати. Навистина за жалење – нагласи Мицкоски за време на денешниот престој во Брвеница мислејќи, очигледно, на изјаснувањето на етничките Македонци во овие градови и со што би можеле да се сменат резултатите од првиот изборен круг.
Премиерот додаде дека Рамадани ќе ги изгуби изборите.
– А потоа ќе биде разрешен од позицијата што ја извршува во овој момент, директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа – најави Мицкоски.
На новинарско прашање дали „Вреди“ на терен повикува да се гласа против ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски одговори дека не би се согласил со таква констатација.
– Не би рекол дека е така. Го следев Фатмир Лимани од Кичево и тој не повика да се гласа против нашиот кандидат. Второ, „Вреди“ испрати соопштение со кое не го поддржа Фатмир Дехари. Еве, и јас ги повикувам Албанците во Кичево да размислат дали треба да го дадат својот глас за човекот што ги уценува нивните ќерки и внуки – нагласи премиерот.












