Мицкоски: „Европа може да смета на нас. Но сега е време и ние да почнеме да сметаме на Европа,“

41

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес конференција со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, изрази силна поддршка за евроинтегративниот пат на Северна Македонија, но истовремено побара поголема правичност, доследност и лидерство од Европската Унија.

„Разговаравме за патот кон Европската Унија – пат кој не беше ни лесен, ни краток, ниту секогаш праведен. Пат со многу предизвици, компромиси и, за жал, предолго чекање. Нашата определба останува јасна – ние припаѓаме во Европската Унија. Не затоа што некој ни го должи тоа, туку затоа што со децении градиме општество на демократски вредности, владеење на правото, човекови права и добрососедство. Затоа што ние вложуваме, се жртвуваме и се менуваме, со надеж дека трудот ќе биде препознаен. Меѓутоа, таа определба мора да биде возвратена. Оваа држава има право да очекува многу појасна, поотворена и почесна потврда од самата Унија. Затоа што, ќе се согласиме, не сите земји членки и не секогаш, се однесуваа во европскиот дух кон Македонија. Имаше периоди на блокади, имаше непринципиелни барања, а имаше и тишина од Брисел, тогаш кога најмногу ни беше потребен било каков глас на поддршка, истакна Мицкоски на заедничката прес-конференција со Калас во Скопје.

„Го зборувам ова не само како политичар, туку и како човек, како професор. Европа мора да покаже дека не е затворена тврдина, туку жива визија – заедница на вредности. Верувам во европскиот сон, но бараме тој сон да биде достапен за сите,“ нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека Северна Македонија останува отворена и подготвена за соработка, со подадена рака кон Унијата.

„Европа може да смета на нас. Но сега е време и ние да почнеме да сметаме на Европа,“ заклучи тој.

ИЗДВОЕНИ