Буџетот на државата е во одлична кондиција, растот на БДП е 3,8 % заедно со Кипар, а е зад порастот на БДП од 3,9 % што го има Данска. Инфлацијата е помала за 0,5 % споредено со минатата година и ова зборува дека има консолидација што очекувам да продолжи и во наредниот период, ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ги наводите на опозицијата дека недостигаат милијарди денари во буџетот.
– Додека тие зборуваат за милијарди што недостигаат, веќе во првите пет дена од декември влегоа 10 милијарди во буџетот. И сега не се веќе 300 милијарди, туку се 310 милијарди денари приходи. Но, никој од нив не ја коментира расходната страна, бидејќи и приходната и расходната страна на буџетот одат паралелно. За да ви недостигаат во буџетот и за да треба вие да го покриете тој буџетски дефицит, потребно е и расходите да бидат согласно со планирањето – рече Мицкоски.
Тој истакна дека државата нема да се задолжи за да го зголемиме долгот, кој смета дека до крајот на годинава ќе биде помал од претходно и најави дека следната година треба да се вратат повеќе од 2,2 милијарди евра.
Инаку, по два дена расправа, Собранието вчера го донесе буџетот за 2026 година со поддршка од 71 пратеник. Буџетот за 2026 година тежи близу 6,7 милијарди евра и во него растот на БДП е проектиран на 3,8 %, а инфлацијата на 2,5 %. Вкупните приходи треба да изнесуваат 374,9 милијарди денари, расходите 414,2 милијарди денари, а буџетски дефицит 39,2 милијарди денари или 3,5 % од планираниот БДП.
Во расправата, за пратениците од власта овој буџет обезбедува поддршка за бизнисот, ги штити пензионерите со зголемување на пензиите и носи силен инфраструктурен бран со изградба на патишта, училишта, градинки… и дека станува збор за реални проекти што ќе им донесат подобар живот на граѓаните.
Според опозицијата, буџетот содржи нереални проекции и служи само за добивање политички поени. Беше посочено дека првпат доцни исплатата на социјалната помош, туѓата нега, исплатата на „Мој ДДВ“, а стагнираат и платите, иако власта се фали со раст на БДП во третиот квартал.
– Имаме најниска минимална и просечна плата во регионот. Владата не сака да се фати со решавање на проблемот со растот на минималната плата и затоа ги пушта синдикатите и работодавците да се договорат за тоа. Никогаш нема да се договорат за зголемување на минималната плата ако седнат само синдикатите и работодавците. Затоа тука треба да биде Владата – рекоа од опозицијата.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, завчера, во своето експозе пред пратениците рече дека проекциите за 2026 година укажуваат на континуитет на економската стабилност и на раст заснован на одговорни фискални политики, инвестиции во инфраструктурата и во човечкиот капитал, како и поттикнување на продуктивноста и на конкурентноста на домашната економија.
(С. Бл.)












