ПО ОБВИНУВАЊАТА ОД ОПОЗИЦИЈАТА, ВЛАДАТА СЕ ПОВЛЕКУВА ОД НАБАВКАТА НА НОВ ВЛАДИН ВОЗДУХОПЛОВ
Ќе се повлечеме од набавката на нов воздухоплов и ќе се молиме да останеме живи, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, во коментар за обвинувањата на опозициската СДСМ дека власта неосновано се шета со владиниот авион и размислува за набавка на нов, наместо тие пари да ги пренасочи за плати на работниците. Премиерот рече дека иако на средбите со лидерот на СДСМ, Венко Филипче било договорено да не се критикува одлуката за набавка на нов авион, кој би се користел и во иднина од други влади, но и за хуманитарни мисии, опозиционерите, сепак, не си останеле на зборот. Премиерот рече дека владиниот воздухоплов сè уште е во возна состојба, но дека иницијативата да се обезбедат средства за набавка на нов дошла од екипажот што го управува авионот.
-Гледам дека опозицијата од ова создава тема иако на една од лидерските средби, формални и неформални, што сум ги имал со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, тој беше многу јасен и рече дека за ова не треба и нема да ја критикуваат владата бидејќи утре ќе има нова влада, а воздухопловот ќе се користи и за хуманитарни причини. Но, гледаме дека не си стојат на зборот. Ние ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и доколку починеме, тогаш претпоставувам дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада и за некои идни премиери е одвишок и дека е беспредметна, изјави премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Премиерот посочи и дека авионот го користел четири, а не три пати, како што беше објавено во јавноста, како и дека има намера да го користи идното лето.
Еднаш, како што рече, летал со владиниот авион кога бил во Будимпешта на покана на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Со комерцијален лет стигнал до Виена бидејќи екипажот на државниот авион имал приватни обврски и не можел да го однесе до дестинацијата, но за враќање, рече дека дошле по него бидејќи имал итни состаноци во Скопје.
-Вториот пат бев исто така на покана на нашата сестринска партија и на настан што тие го организираа во Белград. Тогаш и отидов и се вратив. Тоа не е споменато во јавноста, а сакам да се забележи, изјави Мицкоски.
Во однос на користењето што го посочија во обвинувањата од СДСМ, за летање до Хрватска, премиерот појасни дека владиниот авион го искористил лани летото во еден правец, на враќање од Сплит во Скопје, оти го пропуштил летот на авиокомпанијата „Кроација ерлајнс“, а следниот ден имал неодложни обврски во Скопје.
-Бев до Хрватска со комерцијален лет на ‘Кроација ерлајнс’ до Сплит, на покана на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, имавме работна вечера. Мојот годишен одмор, кој требаше да трае три дена, го продолжив за еден ден, да трае четири дена, и бидејќи го испуштив повратниот комерцијален лет за да се вратам, а следниот ден имав неодложни обврски, владиниот воздухоплов дојде ме зема од аеродромот во Сплит и ме донесе во Скопје, истакна Мицкоски.
Последно, премиерот со „Лирџетот“ летал до и од Тирана и уште отсега најави дека на почетокот на јуни најверојатно ќе го користи до Подгорица и назад до Скопје оти поради обврски не би сакал да остане повеќе од еден ден.
Појаснувањата од премиерот следуваа откако опозицискиот СДСМ обвини за луксузирање со народни пари, обвинувајќи дека Мицкоски до Јадранското Море летал со владиниот авион, а нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра за работниците.
Од Владата, пак, преку соопштение тврдат дека авионот се користи исклучиво согласно со прописите и дека секој лет е евидентиран и под институционална контрола. Оттаму ја обвинија опозицијата за хипокризија и сензационализам. Во соопштението обвинија дека истата политичка структура која денес обвинува, во минатото го користела владиниот авион за патувања „кои останаа длабоко контроверзни во јавноста, вклучително и летови до Ниш“.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, исто така преку соопштение, одговорија дека Заев и Филипче летаа со хеликоптер од Скопје до Прилеп, а ДУИ користеше авион до Ниш.
Пред неколку месеци, директорот на СОЗР, Ивица Томовски, најави дека Владата размислува за набавка на нов владин авион кој би го заменил застарениот „лирџет“. Томовски објасни дека сегашниот владин авион е стар две децении, често е на поправка и е скап за одржување и со ограничен капацитет. (В. С. Н.)












