Естонија ни покажа дека малите земји можат да бидат големи по иновации. Словенија покажа дека администрацијата може да биде мотор на реформите. Тоа се приказни кои почнале како што ние почнуваме денес – со луѓе кои решиле да се обучуваат, да се менуваат и да ја менуваат својата земја, рече премиерот Христијан Мицкоски на настанот „Инвестиција во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор“, во организација на Министерството за јавна администрација.
Тој рече дека ние сме генерацијата која мора да ја извлече државата од мракот на партизацијата и да ја однесе во светлината на европската иднина и додаде дека нема модерна држава без модерна администрација.
– Денес сме собрани со исклучително важна цел – да потврдиме дека реформите не се само зборови во програма, туку дела што се гледаат и сe чувствуваат. Нема доверба во институциите без професионални, одговорни и мотивирани службеници. Јавната администрација е темелот на државата. Таа сте вие – луѓето кои секојдневно го носат товарот на институциите. Вашата работа е лицето на државата, вашиот став е впечатокот кој граѓаните го добиваат за институциите“, рече премиерот.
Говорејќи за првиот циклус генерички обуки на административни службеници, во кој учествуваат 600 службеници од локално и од централно ниво, Мицкоски кажа дека тоа е јасен сигнал дека оваа Влада не се плаши од промени, туку ги носи.
Премиерот упати критики до претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ, за која рече дека ја оставила администрацијата демотивирана, со нарушена доверба и со луѓе кои се чувствуваа оставени на цедило.
Тоа време, рече премиерот, завршило, и додаде дека јавната администрација веќе нема да биде партиски плен, туку ќе биде професионална, ефикасна и ќе работи за граѓаните.
– Македонија е дел од европското семејство и реформите во јавната администрација се клучен дел од тој процес, истакна министерот за јавна администрација, Горан Минчев.
Тој рече дека во срцето на јавната администрација се крие иднината на нашата држава.
– Реформите што ги води Министерството не се само зборови на хартија, тие се дела, тие се реалност, тие ја менуваат секоја институција, го менуваат секојдневјето на граѓаните и го градат патот кон модерна, професионална Македонија. Свесни сме дека во јавноста често се слушаат стереотипи – дека администрацијата е голема, неефикасна, бавна. Но, јас денес сакам да истакнам нешто друго, подвлече Минчев.
Администрацијата, истакна тој, е крвотокот на државата. Без неа, додаде, државата не би можела да функционира ниту еден ден.
Министерот рече дека Министерството за јавна администрација, реално, првпат отпочнува со спроведување на генеричките обуки за административните службеници.
„Тоа значи дека веќе не зборуваме во идно време, туку во сегашно. Обуките започнаа. Службениците учат. Институциите се движат напред. Ова е доказ дека реформите што ги водиме имаат конкретен резултат“, истакна министерот.