Многу кошаркари не се снаоѓаат баш најдобро во најквалитетната кошаркарска лига – НБА, иако своевремено биле најдобри во Евролигата. Таков е случајот и со српскиот кошаркар Василије Мициќ, кој и официјално е отпуштен од Милвоки.
Србинот стана слободен агент, па се очекува наскоро да се врати во Евролигата бидејќи нема доволен интерес за неговите услуги во НБА. Според американските медиуми, 31-годишниот српски плејмејкер добил 8,1 милион долари за сезоната 2025/2026, а се откажал од 6,1 милион долари. Таа сума ќе биде одбиена или нема да се смета кон ограничувањето на платите на Милвоки. Тоа ќе му овозможи на тимот од Висконсин да направи неколку потези за да се подобри.
Мициќ има 101 НБА-настап за Оклахома сити, Шарлот и за Феникс, но, генерално, немаше многу среќа или успех во најсилната лига во светот.