В.д. директорот на Агенцијата за филм Сашко Мицевски на прес-конференција истакна дека во текот на 2025 година, Агенцијата за филм реализирала историски рекордна исплата во износ од 3.160.000 евра, како финансиска поддршка за филмската дејност. Исплатата е реализирана кон вкупно 55 филма и 36 фестивали. Истовремено, обврските за 2025 година, и покрај новите одобрени филмски проекти, се намалени за 20 % во споредба со 2024 година, што укажува на зголемена финансиска дисциплина и на подобрено планирање
Голем дел од проблемите во Агенцијата за филм се веќе надминати, бидејќи тоа се забелешки што се однесуваат исклучиво на работењето до декември 2024 година, односно на период што му претходел на актуелното раководство, рече на денешната прес-конференција в.д. директорот Сашко Мицевски, а по повод ревизорскиот извештај за работата на оваа институција од страна на Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој беше објавен минатата недела. Мицевски е назначен за в.д. директор во Агенцијата за филм од страна на Владата, во јуни годинава.
Мицевски истакна дека има замерка околу начинот на кој е презентиран ревизорскиот извештај за работата на Агенцијата за филм од страна на ДЗР, односно во однос на објавеното соопштение со наслов „Слабости во работењето и неправилностите во Агенцијата за филм не се надминати и се повторуваат“. Според него, формулацијата на насловот од соопштението на ДЗР, кој го презедоа медиумите, создала впечаток дека констатираните состојби се однесуваат и на тековното работење на Агенцијата, што, како што кажа, не ја одразува состојбата по спроведените реформи и активности реализирани во 2025 година. Напротив, токму на тие реформи активно работи Агенцијата уште од почетокот на 2025 година.
– Јавноста е запознаена со она што се случуваше во претходните години во Агенцијата за филм. Ние не само што свртевме нова станица на тоа како ќе работи Агенција и како ќе ја придвижува филмската дејност туку и нудиме нова книга, која ќе ја презентираме сега и во наредниов период. Извештајот го примивме добронамерно, секоја забелешка дава основа како да ја унапредиме ние филмската дејност и како административно да ги решиме проблемите со кои се соочуваше Агенцијата за филм претходно. Извештајот на ДЗР се однесува на 2024 година, која сите ја бележиме како исклучително проблематична за филмската дејност, кога имаше промена на четири раководни лица, од кои две дадоа оставка. Во однос на голем дел од забелешките што ги дадоа од ДЗР, ние дадовме одговор, забелешките не беа прифатени, но ќе им се заблагодарам за темелната работа – посочи Мицевски.
Додаде и дека извештајот на ДЗР е направен по случаен избор.
– Тоа значи дека не е опфатена целата работа на Агенцијата за филм и сите проекти, туку проекти по случаен избор. Начинот и критериумите за тој случаен избор на проекти не се наведени во самиот извештај, така што мислам дека не е најтранспарентно изведено – додаде Мицевски.
Во однос на тоа што во извештајот на ДЗР беше нотиран недостиг на кадровски капацитети, тој посочи дека според систематизацијата, Агенцијата за филм треба да оперира со 41 лице за нормален тек на работата. Притоа направи споредба со 2022 година, кога Агенцијата имала 12-мина вработени, а 29 лица со договор на дело, додека моментално таа има седуммина вработени и 12-мина ангажирани со договор на дело, значи 21 лице или двојно помалку од човечките ресурси што ѝ се потребни на оваа институција.

Мицевски го истакна и графиконот што беше поместен во соопштението на ДЗР, каде што е наведен соодносот на буџетот со обврските преземени по проекти на Агенцијата за филм, при што истакна дека во извештајот не е нотирано дека производството, односно реализацијата на филмови е за петгодишен период, а тој почнува во моментот на потпишување преддоговор со продуцентот.
Во однос на сегашната работа на Агенцијата за филм, пак, Мицевски додаде дека е воспоставена целосна усогласеност на деловните книги со фактичката состојба и дека во моментов се спроведува и детален попис на средствата, побарувањата и обврските, со што се обезбедува стабилно и транспарентно финансиско управување.
Истакна и дека во Агенцијата активно се работи на изготвување стратегија за развој на филмската дејност, документ што по повеќе години ќе обезбеди јасна визија, приоритети и долгорочни насоки за развој на секторот.
Во согласност со законските обврски и принципите на отчетност, новото раководство доставило шестмесечен извештај за работењето до Владата, со што се демонстрираат посветеност, отчетност и одговорно управување.

Мицевски истакна и дека во текот на 2025 година, Агенцијата за филм реализирала историски рекордна исплата во износ од 3.160.000 евра, како финансиска поддршка за филмската дејност. Исплатата е реализирана кон вкупно 55 филма и 36 фестивали. Истовремено, обврските за 2025 година, и покрај новите одобрени филмски проекти, се намалени за 20 % во споредба со 2024 година, што укажува на зголемена финансиска дисциплина и на подобрено планирање.
– Во изминатиот период вложивме големи напори да ја расчистиме институцијата од наследените административни заплеткувања и да воспоставиме нови, функционални принципи на управување. Како ново раководство, искрено се гордееме со успесите што ги постигнува македонскиот филм во 2025 година – посочи в.д. директорот Мицевски, додавајќи дека најголема новост е што Агенцијата активно ја поддржува и кампањата за „Оскарите“ на документарецот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, за што се издвоени 100.000 евра, со цел достојно претставување на нашата држава на најпрестижната филмска платформа во светот.
Додаде и дека филмовите поддржани од Агенцијата бележат исклучителни меѓународни резултати. Меѓу другите ги спомена филмот „Диџеј Ахмет“ на Ѓеорги М. Унковски, кој од почетокот на годината до денес ја претстави државата на над 70 меѓународни фестивали, освојувајќи 29 награди и признанија, како и филмот „Мајка“ на Теона С. Митевска, кој ја отвори официјалната селекција „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал, што претставува значаен успех за македонската кинематографија. (Н.И.Т.)












