Мицевски: Договорот со Обединетото Кралство е историски чин за Македонија

14

Предлог-законот за ратификација на договорот меѓу владата на Обединетото Кралство и Македонија, кој е во собраниска процедура, е историски чин за Македонија, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. Парите од британскиот заем, како што рече, ќе бидат насочени кон инвестиции за развој на инфраструктура, здравство, образование, енергетика…

-За жал, овој историски договор, овој историски момент за Македонија и граѓаните очигледно опозицијата не го препознава или не сака да го препознае, не го прифаќа или не сака да го прифати, ја обвинува државата за задолжување на идните генерации. Лично сметам дека овие обвинувања се неосновани и немаат никаква логика, но сепак тоа си е нивна работа и нивни одлуки како ќе дејствуваат за овој закон или ратификација на овој Договор, истакна Мицевски на собраниска седница.

Тој се осврна и на Оперативниот план за вработување за 2025 година.

-Кога ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта, наследи запрепастувачка состојба и хаос, уништена држава, испразнет и искраден буџет, економија на колена, индустрија речиси како да немаше, инфлација до небо, работници без редовни плати и уште многу негативни појави од погубното владеење на претходната влада. За разлика оттогаш веќе се забележува дека Македонија почнува да закрепнува на секое поле и пополека но сигурно оваа Влада почнува да ги решава проблемите кои ги наследи, нема да биде лесно, сигурен сум дека со работата која се вложува ќе се успее. Овој оперативен план за вработување за 2025 година е дел од тој процес на закрепнување на државата и очекувам дека ќе даде позитивен и дополнителен ефект, рече Мицевски.

 

 

ИЗДВОЕНИ