„Ми се допадна Ким, а и јас нему“ Трамп: Ако сака да се сретнеме ќе бидам во Јужна Кореја

47

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека би сакал да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун доколку Ким сака и не ја исклучи можноста за продолжување на неговата тековна турнеја низ Азија.

„Не сум закажал ништо, но би сакал да се сретнам со него доколку тој сака да се сретне. Се сложував одлично со Ким Џонг Ун, ми се допаѓа, му се допаднав и јас него – ако сака да се сретне, ќе бидам во Јужна Кореја“, изјави Трамп пред новинарите во „Ер Форс Уан“ на пат кон Токио од Куала Лумпур, објави Си-Ен-Ен.

Трамп ќе ја посети Јужна Кореја подоцна оваа недела, каде што ќе се придружи на самитот на извршни директори на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК).

На прашањето дали би размислил за продолжување на патувањето за да се овозможи евентуална средба со Ким, Трамп посочи дека е отворен за тоа.

„Не сум размислувал за тоа, но мислам дека одговорот би бил да, би го направил тоа, секако. Тоа е нашата последна станица, па затоа е прилично лесно да се направи“, рече тој.

Трамп се сретна со Ким три пати – во Сингапур, Виетнам и во меѓукорејското село Панмунџом, каде што се постигна примирјето, помеѓу 2018 и 2019 година, за време на неговиот прв мандат како претседател на САД.

Тој постојано повторува дека има добри односи со Ким и неколку пати сигнализираше дека сака да ја обнови дипломатијата со Северна Кореја, иако нивните нуклеарни разговори на крајот пропаднаа.

Трамп неодамна неколкупати ја изрази својата желба повторно да се сретне со Ким, велејќи дека е „отворен“ за разговори со него и опишувајќи ја Северна Кореја како „некаков вид нуклеарна сила“ на почетокот на своето тековно вртење кон Азија.

Сепак, Северна Кореја не одговори на понудата на Трамп, објави новинската агенција Јонхап.

Министерот за надворешни работи на Северна Кореја, Чое Сон Хуи, го напушти Пјонгјанг во неделата за да ги посети Белорусија и Русија, фрлајќи сомнеж врз изгледите за средба меѓу Ким и Трамп.

Во разговор со странски дописници во Сеул денес, третиот заменик-советник за национална безбедност на Јужна Кореја, О Хјун Џо, рече дека средбата меѓу Трамп и Ким е „мала веројатност“ за време на состаноците на АПЕК оваа недела, пренесе Танјуг.

ИЗДВОЕНИ