Преполовен број членови во градските управни одбори, помали и надоместоци само за одржани седници е одлуката со која Градот Скопје реши да изврши рационализација и штедење на парични средства. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, вчера објави дека одлуката ја донел Советот на Град Скопје со цел да се подобри работењето на градските претпријатија во интерес на граѓаните. Според одлуката, намалени се бројот на членовите во управните одбори кои во иднина наместо 14 членови ќе имаат најмногу 7 членови, а ќе добиваат и помал надомест за околу 20 проценти.
– Јавното управување мора да биде одговорно, рационално и насочено кон интересот на граѓаните. Затоа, на седницата на Советот на Град Скопје донесовме важна одлука со која ја намалуваме висината на надоместокот за членовите на управните и надзорни одбори и го кратиме нивниот број. Оваа промена е исправка на неправилностите што се повторувале со години – објави Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.
Според него, во минатото, се исплаќале месечни надоместоци дури и во услови кога воопшто немало седници.
– Тоа создаваше непродуктивни трошоци кои граѓаните ги плаќаа. Со новата одлука, надоместок ќе се исплаќа само тогаш кога навистина ќе се одржи седница. Исто така, ги намалуваме и износите, па наместо 12.000 денари за претседател и 10.000 денари за член, новите лимити изнесуваат 10.000 и 8.000 денари. Паралелно, го редуцираме и бројот на членови во управните одбори. Таму каде што некогаш имало и по 14 членови, бројката се ограничува на 7. Ова е уште еден од чекорите со кои ги кратиме непродуктивните трошоци и воспоставуваме ред во работењето на Град Скопје. Времето на „како досега“, завршува – нагласи градоначалникот Ѓорѓиевски.
Идејата на министерот Минчев стана неизвесна
Потегот на советниците и на новиот градоначалник на македонската метропола практично е прво сериозно намалување на трошоците за управните и за надзорните одбори, а што веќе неколку месеци се најавува дека ќе биде спроведено и на државно ниво. Но, досега, таква конкретна рационализација сè уште не е започната. Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во септември изјави дека целта му е намалување на бројот на членови на управните и на надзорните одбори, но и на бројот на државни институции како реформа на јавниот сектор во државава. Тој најави кратење на буџетските корисници за 40 проценти заедно со кратењето на бројот од 1.371 државни институции
– Досегашната состојба покажа дека управните и надзорните одбори често се преобемни, со преголем број членови, со што создаваат дополнителни трошоци за буџетот. Неретко, членовите беа избирани без јасни критериуми и транспарентност, што резултираше со ограничена ефикасност и со недоволна отчетност. Затоа, сега, со истата определба работиме и на рационализирање и на унифицирање на управните и на надзорните одбори. Нашата цел е намалување на бројот на членови, воведување јасни критериуми и транспарентна постапка за избор. Со тоа ќе се обезбеди поконцентрирана и поефикасна работа на одборите, со професионалци што ќе се избираат според стручноста и компетенциите, а не по партиска линија – нагласи тогаш министерот Минчев за весникот ВЕЧЕР.
Денеска не добивме одговор на прашањата кога би можело да се очекува промена на регулативата во однос на управните и надзорните одбори. Меѓутоа, министерот во неговото последно интервју за порталот „Призма“ изјави дека „размислува за управни одбори со помалку членови“. Но, и дека уште нема гаранции дали тоа и ќе биде прифатено. Негова идеја е, се наведува во интервјуто, преку реформските закони што уште се пишуваат да се интервенира во управните одбори, односно да се скрати нивниот состав.
– Тоа е моја замисла, не знам дали ќе помине. Ваквиот потег би испратил силен сигнал дека кратењето во администрацијата почнува токму од местата што традиционално се третирале како атрактивен партиски плен по изборните победи. Со тоа, покрај рационализацијата на трошоците, би се адресирале и апсурдните случаи во кои управните одбори бројат повеќе луѓе отколку што има вработени во самата институција што ја раководат – нагласи министерот за јавна администрација.
Новиот закон за раководна служба ќе го даде одговорот
Според сегашната состојба, најголемиот број на управни одбори во државни и општински претпријатија и установи бројат од 5 до 15 членови, а Надзорните одбори до пет членови. Истовремено, висината на нивните надоместоци се движела од 800 денари по одржана седница во некои локални општински јавни претпријатија, па сè до 27.000 денари во некои државни претпријатија… Со тоа, годишните трошоци на државата само за исплата на овие членови достигнуваа и до три милиони евра. Министерот Минчев во неодамнешната изјава за весникот ВЕЧЕР рече дека бројот на нивните членови ќе се уреди со новиот закон за високораководна служба, кој се подготвува и кој ќе овозможи професионализација на менаџерскиот кадар во јавниот сектор.
– Раководните позиции веќе нема да бидат партиски плен, туку одговорни функции базирани на критериуми, стручност и на интегритет. Во рамките на овој закон, ќе се обидеме да предвидиме и унифицирање на постојните управни одбори, со намалување на бројот на нивните членови и со поставување критериуми и јасни услови за нивно именување – нагласи тогаш Минчев. Во интервјуто, финалната верзија на овој закон тој сега ја најави за „почеток на следната година“. (Б. Ѓ.)












