Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека станува збор за изградба на првата фаза од првата подземна сообраќајница во Скопје – булевар „Македонија“, и тоа на потегот од под „Лимак“ до влезот на Кисела Вода. – Ова е проект што претставува вистински пресврт за централното градско подрачје, капитална инвестиција што ќе го растовари сообраќајниот метеж и ќе донесе нова динамика во срцето на градот – истакна Ѓорѓиевски. Тој додаде дека потоа ќе следува изградбата на кружен тек кај „Нова Македонија“ и на два кружни тека на потегот кај булеварот „Кочо Рацин“, но и на улицата „Железничка“
Сообраќајот во централното градско подрачје на главниот град, конечно, ќе се ослободи од метежот и ќе се одвива непречено, станувајќи многу покомфорен, побезбеден и поуреден простор за сите. Тоа, како што најави скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, ќе се случи, бидејќи Скопје, како што рече, ќе го добие своето прво подземно сообраќајно чудо, нешто што досега не било својствено за нашиот град – првата подземна сообраќајница. Град Скопје веќе ја објави јавната набавка за најповолен економски оператор што ќе се зафати со реконструкција на булеварот „Македонија“.
Ѓорѓиевски информираше дека станува збор за изградба на првата фаза од првата подземна сообраќајница во Скопје – булевар „Македонија“, и тоа на потегот од под „Лимак“ до влезот на Кисела Вода.
– Ова е проект што претставува вистински пресврт за централното градско подрачје, капитална инвестиција што ќе го растовари сообраќајниот метеж и ќе донесе нова динамика во срцето на градот – истакна Ѓорѓиевски.
Според распишаната јавна набавка, се работи за потегот од раскрсницата со булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ до раскрсницата со булеварот „11 Октомври“ и булеварот „Борис Трајковски“ – фаза 1, од раскрсницата со булеварот „11 Октомври“, улицата „Пролет“ и булеварот „Борис Трајковски“.
Сообраќајницата ќе има шест ленти – четири за двонасочен автомобилски сообраќај, две за јавен превоз и дополнителни пешачки патеки.
Според распишаната јавна набавка, носителот на набавката е должен да ги изведе работите во рок од 90 календарски дена по доставениот писмен налог за воведување во работа од страна на Град Скопје. Времетраењето на договорот склучен со избраниот изведувач ќе биде една година.
Сите заинтересирани можат да ги достават понудите до 15.12.2025 година во 10:00 часот, кога ќе се спроведе и нивното јавно отворање.
Ѓорѓиевски истакна дека потоа ќе следува изградбата на кружен тек кај „Нова Македонија“ и на два кружни тека на потегот кај булеварот „Кочо Рацин“, но и на улицата „Железничка“, кои, како што потенцираше, ќе овозможат побезбеден и побрз проток, со паметни и современи решенија, согласно со европските стандарди.
Поранешниот скопски градоначалник, Коце Трајановски, предвидуваше сообраќајница под кејот, но времено се откажа од реализацијата откако и на вториот тендер заинтересираните фирми понудија далеку повисоки цени од предвиденото за проектот. Основната улога на сообраќајницата долга 1.300 метри беше да го растовари метежот во центарот на Скопје, преку подземно поврзување на сообраќајниците околу Владата со оние кај Народната банка. Градот Скопје планираше да се задолжи за овој проект, со близу 4,9 милиони евра, преку издавање обврзници на домашниот пазар. Но, остана на тоа.
Град Скопје, во времето кога беше Петре Шилегов градоначалник, требаше да ги изгради трите приклучоци за подземната улица што ја направи „Лимак“, односно кружен тек кај „Нова Македонија“, на крстосницата на улицата „Железничка“ со улицата „Бихаќска“ и кај подвозникот кај крстосницата на булеварите „Свети Кирил и Методиј“ и „Кочо Рацин“. Се очекуваше паралелно со завршувањето на градежните работи за подземната улица во 2023 година овие кружни текови да бидат готови. Овој проект требаше да чини околу 22 милиона евра.
И претходничката на Ѓорѓиевски, Данела Арсовска, најавуваше распишување тендер за изградба на еден од најголемите кружни текови во Скопје, оној кај поранешна НИП „Нова Македонија“, откако, како што кажа, ќе заврши експропријацијата на објектите што треба да се уриваат. Според неа, најголем проблем беше да се реши ситуацијата со објектот на „Македонски железници – Инфраструктура“ кој се наоѓа непосредно до Паркот на новинарите и во кој е сместена значајна ИТ-опрема на претпријатието.
Инаку, подземната улица под комплексот „Дајмонд Скопје“, која е завршена, е во должина од 800 метри и почнува веднаш до катната гаража „26 Јули“ и излегува лево од НЛБ Банка.
Кога беше најавувана изградбата на оваа улица, беше кажано дека тоа ќе биде модерна подземна улица, како во европските метрополи, која од двете страни ќе биде поврзана со новите кружни текови што се планираат во овој дел од градот. Булеварот ќе има двонасочен коловоз во четири ленти и две ленти за трамвај/автобус, со должина од 800 метри, кој ќе го дислоцира булеварот „Македонија“ под земја и во голема мера ќе придонесе за олеснување на сообраќајниот метеж во Скопје.
Проектот на кружниот тек кај „Нова Македонија“ датира од 2014 година, во времето кога прв човек на Градот беше Коце Трајановски. Беше планирано да се гради кружната крстосница на две нивоа и да се користи за потребите на две нови сообраќајници, кои треба да го олеснат градскиот метеж на улиците. Првата сообраќајница, која треба да се поврзе со кружниот тек, е улицата „Свети Кирил и Методиј“, а втората е улицата „Јордан Мијалков“, некогашна „Железничка“. На овој начин ќе има врска меѓу двете улици, со тоа што по „Свети Кирил и Методиј“ ќе се вози во насока кон кружниот тек, а на „Јордан Мијалков“ – во спротивна насока. Според сообраќајниот и градежниот проект изработени тогаш, кружниот тек треба да има елипсовиден облик и да ги поврзува булеварите „Климент Охридски“, „Мајка Тереза“, „Јордан Мијалков“, „Свети Кирил и Методиј“, „Митрополит Теодосиј Гологанов“, подземниот булевар на „Лимак“ и улицата „Васил Ѓоргов“. Овој кружен тек треба да има најмалку шест ленти. Улиците „Јордан Мијалков“ и „Свети Кирил и Методиј“ остануваат еднонасочни.
(А. П.)












