Оскаровецот Метју Меконахи го заштити својот лик и глас, со цел да ги заштити од неовластена употреба на платформи што користат вештачка интелигенција (ВИ).
Според „Волстрит џурнал“, аудио и видео снимки што ја вклучуваат неговата позната реплика „alright, alright, alright“ од филмот од 1993 година „Dazed and Confused“ се регистрирани во базата на податоци на американската канцеларија за патенти.
Според неговите адвокати и експерти, ова е прв пат актер да се обиде да го искористи законот за да го заштити својот лик од злоупотреба на вештачката интелигенција.
Адвокатите на ѕвездата од „Magic Mike“ изјавија дека немаат конкретни примери за злоупотреба на ликот на Меконахи од страна на вештачката интелигенција, но се надеваат дека регистрацијата ќе обезбеди широка заштита од какви било неовластени копии на неговиот глас или ликот.
Еден од неговите адвокати, Кевин Јорн, изјави за АФП дека дополнителна цел е да се опфати дел од вредноста создадена од новата технологија.
Самиот Меконахи во изјава испратена по е-пошта изјави дека сака неговиот глас или ликот да се користи само со негова дозвола.
„Сакаме да создадеме јасна граница на сопственост, каде што согласноста и припишувањето се норма во светот на вештачката интелигенција“, рече актерот.
Експертите велат дека сè повеќе познати личности се соочуваат со лажни видеа, аудио снимки и фотографии создадени со вештачка интелигенција, што претставува и ризик за репутацијата и губење на потенцијални приходи од лиценцирање.
Сепак, Меконахи не е против генеративната вештачка интелигенција. Тој со години има сопственички удел во компанијата за гласовно моделирање со вештачка интелигенција ElevenLabs, а компанијата, со негова дозвола, создаде аудио верзија на неговиот глас со вештачка интелигенција.












