Иако есента е се уште во првиот месец од почетокот, метеоролозите веќе ги имаат првите индикации за тоа како би можела да изгледа претстојната зима во регионот – и се чини дека би можела да биде постудена од претходните.
Горан Михајловиќ, помошник-директор на српскиот Републички хидрометеоролошки завод (РХМЗ), за Блиц.рс, вели дека можеме да очекуваме посериозни минуси и потенцијално повеќе снег, особено во периодите на поизразени студени бранови.
„Очекуваме помеѓу 30 и 55 дена со негативни температури, како и 5 до 15 таканаречени ледени денови кога температурата нема да надмине нула дури ни во текот на денот“, вели Михајловиќ.
Еден од факторите што би можеле да влијаат на зимските временски прилики е природниот климатски феномен Ел Нињо, кој моментално ја менува атмосферата над Тихиот Океан, но неговото влијание се чувствува и низ целиот свет – вклучително и врз временските услови во Европа и на Балканот.
„Кога станува збор за зимата, секако е прерано за детални прогнози. Сепак, она што засега можеме да го кажеме е дека средната сезонска температура ќе биде малку над просекот – за приближно 1 степен“, истакнува Михајловиќ.
Кога станува збор за врнежите, се очекува дека ќе бидат во рамките на повеќегодишниот просек – помеѓу 110 и 160 милиметри за целата сезона.
Иако сезонските прогнози сè уште се формираат, сегашните анализи сугерираат дека оваа зима би можеле да видиме повеќе денови со мраз и снег отколку во претходните години. Конечните прогнози обично се објавуваат кон крајот на ноември, кога сликата за зимското време ќе биде појасна.