Силниот ветер и лошите временски услови спречија седум авиони да слетаат на Меѓународниот аеродром „Скопје“, во вторникот попладне. Нарушувањето на авиосообраќајот доведе до одложување и до пренасочување на неколку лета од Македонија. Од Контролата на летање на скопскиот аеродром велат за весникот ВЕЧЕР дека и во наредните денови, под влијание на фронтална активност, се очекуваат сложени метеоролошки услови во поглед на операциите на полетување и слетување на скопскиот аеродром
Драматична атмосфера имало во еден од авионите што деновиве повеќе од еден час кружел на скопската писта, поради лошите атмосферски услови во воздухот. Кај некои од патниците неизвесноста поврзана со слетувањето, желбата што побрзо да ја почувствуваат земјата и да ги видат своите најблиски предизвикале нагон за повраќање, па во тие моменти размислувале каде да си олеснат од стомачните тегоби, раскажува патничка чиј авион слетал во Приштина. Во постојан контакт со своите семејства, патниците им ги пренесувале сите информации што ги добивале од кабинскиот екипаж, дека поради нестабилност во воздухот, пилотот ќе го смени курсот на летање кон некој од соседните аеродроми. Семејствата што ги чекале своите најблиски да слетаат на скопскиот аеродром, сведочат за весникот ВЕЧЕР дека промената на информативните табли била откако официјално ќе се потврдело пренасочувањето, иако тие веќе знаеле од своите блиски, кои ги чекале во неизвесност.
Според првичните информации, најмалку два лета, еден од Истанбул и еден од Венеција, во вторникот не успеале да воспостават стабилен приод кон пистата во Скопје. Поради ризикот од несигурно слетување, двата авиони биле принудени да се пренасочат кон аеродромот во Приштина. Летот од Венеција повеќе од еден час кружел над Скопје, обидувајќи се да најде погоден отвор за слетување.
Средата, еден авион од Ларнака и еден од Истанбул морале да кружат неколку пати околу аеродромот за да најдат погоден момент за слетување, без нагли промени на ветрот, објавија дел од медиумите.
Минатата недела, пак, топлиот воздух во атмосферата, како што информираа од ДЗС, беше причина за пренасочување на авионите од Берлин и од Ајндховен, а имаше доцнење и на други авиони.
Од М-Нав објаснуваат за весникот ВЕЧЕР дека причината за последните пречки во авиосообраќајот на нашиот аеродром била, главно, поради појава на засилено јужно струење во приземјето и на поголемите висини, како и во зоната на слетување. Покрај тоа, во синоќешните часови, во одредени периоди била забележана и појава на т.н. wind shear или смолкнување на ветерот, што дополнително ги отежнува операциите за безбедно приоѓање за слетување.
– Под влијание на фронтална активност, и во наредните денови се очекуваат сложени метеоролошки услови во поглед на операциите на полетување и слетување на скопскиот аеродром. Се очекува облачно време со појава на повремени врнежи и повремено засилен ветер во приземјето и на поголемите висини – велат од метеослужбата на Контролата на летање.
Иако за патниците авионските летовите се одвиваат мирно и предвидливо, се случува нагла промена на брзината или на правецот на ветрот на многу кратко растојание, објаснува за весникот Вечер метеоролог чија специјалност е токму појавата смолкнување на ветрот.
Вели дека може да се случи оваа појава во кое било годишно време, но дека најчесто е поврзана со грмежни облаци, фронтални премини и со температурни инверзии.
– Кога ќе се судрат ладна и топла воздушна маса или кога ќе се појави под силен облак брз, нисходен млаз воздух, ветрот може да се промени за само неколку секунди. Особено загрижувачки е таканареченото смолкнување на ветрот на ниско ниво, кое се јавува блиску до земјата, токму во фазите на полетување и на слетување, кога се најранливи авионите. Ненадејно, ветар в лице или обратно, појава на ветар в грб може да доведе до опасно намалување на подигнувачката сила. Пилотите обично имаат само моменти за да реагираат и затоа најбезбедно за патниците е да го пренасочат летот кон друг аеродром – објаснува експертот, кој сакаше да остане анонимен.
Експертите апелираат да не се крева паника, бидејќи денешната технологија – од радарски системи до подобрени метеоролошки предвидувања – значително го намалува ризикот, но „wind shear“ останува феномен што дежурните служби внимателно го следат.
– Тоа е невидлива закана, но со навремена детекција и со добра подготовка, небезбедните ситуации може успешно да се избегнат – велат метеоролозите.
Во случајот со авионите чии пилоти решиле од безбедносни причини да слетаат на друг аеродром, оваа појава во воздухот ги пресретнала ниско, кога авионот веќе ја намалил брзината поради фазата на слетување. Во ваков случај, пилотот има тешкотии да го стабилизира авионот и одлучува што е најдобро за патниците, а тоа во случаите било безбедно приземјување на соседниот аеродром.
Се повикуваат патниците редовно да ги проверуваат известувањата од своите авиокомпании за нови информации и промени во распоредот. (П.А.)












