Место грижа и спокој, нечии родители добивале ќотек и „затвор“

Хорор во старечки дом - две газдарици во притвор  

120
Дел од шпекулациите во јавноста дека нечии мајки, чичковци, баби… се малтретирани во приватен дом и дека по денови или месец од згрижувањето починале, се потврдија во последната истрага на ЈО од Скопје. Во два дома, едниот во Центар, а другиот во Бутел, биле тепани, затворани и понижувани над педесетина стари и изнемоштени луѓе. За грижата, нивните семејства им плаќале на притворените сопственички стотици евра месечно

 

Тврдењата во јавноста дека во приватен старечки дом биле тепани штитеници се потврдија во истрагата на Основното јавно обвинителство, во која се осомничени две сопственички, на кои судот им одреди мерка притвор.

Три години, стари и изнемоштени луѓе трпеле физичко и психичко малтретирање, понижување и деградирање од страна на персоналот во двата дома, едниот сместен на улицата „Козара“ во Центар, а другиот на улицата „Рудо“ во населбата Бутел. На апликацијата „Гугл“ може да се видат слики од едниот дом сместен во луксузна куќа со убава градина и гаранција за мирни и спокојни старечки денови. Но, според деталите што ги објави скопското Обвинителство, старите луѓе, за чиј престој нивните најблиски плаќале стотици евра месечно, ниту го добивале скапиот мир ниту ја минувале староста во спокој. Напротив, страдале, со нив било постапувано нечовечки, спиеле по неколку во кревет, биле заклучувани и јаделе храна со поминат рок. Веднаш по сознанијата, штитениците се згрижени на друго место и им бил направен лекарски преглед.

– Утврдено е дека двете осомничени, како лица што постапуваат во службено својство, вршеле физичко и психичко насилство со цел да им нанесат физичка и душевна болка, односно страдање на корисниците и ги изложувале на сурово, нечовечко и понижувачко однесување. Спротивно на сите правила, во собите сместувале женски и машки лица заедно. Немале обезбедено кревети за сите корисници, па дел од корисниците спиеле на троседи во дневната соба или спиеле по две лица на ист единечен кревет. На сите корисници во двете установи им биле служени оброци со производи со поминат рок, за што се земени и мостри од храна, производи и материјали што доаѓаат во контакт со храна. Дел од корисниците биле постојано заклучувани во посебни простории, а на еден дел им била давана терапија со лекови што не биле препишани од лекар – ги соопшти Обвинителството деталите од куќите на хоророт во Бутел и во Центар.

Осомничените газдарици на старечките домови ќе одговараат за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување и малтретирање во вршење на службата, постапувале спротивно на Законот за социјална заштита и со намера да прибават имотна корист за себе, потешко ги повредиле правата на згрижените лица. Според истрагата, двете месечно заработувале од домовите по околу 36.000 евра. Инспекцијата, покрај суровото постапување со згрижените, утврдила и низа други нерегуларности.

– Првообвинетата во домот во Бутел сместила 27 корисници – стари лица, иако имала дозвола само за 21 лице, а заедно со второобвинетата, во установата во Центар сместиле 33 корисници – стари лица, иако имале дозвола само за 17 лица. За грижа и нега на лицата немале обезбедено соодветен број редовно вработени стручни кадри. Неуредно ја воделе пропишаната евиденција за корисниците на социјална услуга, не поседувале досие со стручна документација за сите корисници, не воделе евиденција за одржувањето на личната хигиена на корисниците, немале вработено соодветен број стручни кадри во смена, имале вработено лица без соодветна документација за вработување и немале обезбедено четири дневни оброци со соодветна спецификација за дистрибуираните оброци, како што налагале правилата за нивно работење и условите од решенијата издадени од Министерството за социјална политика, демографија и млади – информираат од ОЈО Скопје и нагласуваат дека на двата дома им е ставен клуч на врата, а на корисниците им е обезбедено сместување.

По истрагата на Обвинителството, граѓаните со кои разговараше весникот ВЕЧЕР ќе се охрабрат и ќе пријават во институциите негрижа и запоставување на нивните најблиски во приватни установи.

Долга е листата на чекање за згрижување стари лица и во приватните домови, а една просечна пензија не стигнува да се покрие трошокот, па семејствата плаќаат плус. Во Македонија има 5 државни и околу 40 приватни домови за сместување стари лица. Речиси и да нема приватен дом каде што цената за сместување стари лица е пониска од 30.000 денари, која расте доколку е неподвижно лицето.

Со последниот попис се покажа дека населението во земјава старее, а власта ги поттикнуваше општините, преку проекти, да градат установи со намена згрижување стари и изнемоштени луѓе. (П. А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ