Македонија станува увозно зависна од храна, и на македонската трпеза сè почесто можат да се најдат месо од Бразил, грав од Египет, ориз од Азија, домати, пиперки, краставици од Албанија, Турција, Србија… Иако Македонија се смета за земјоделска држава, домашното производство исчезна, а увозот за една деценија се зголемил за 100 отсто и надмина една милијарда евра. Располагаме со повеќе од половина милион хектари обработливо земјиште, а не успеваме да прехраниме помалку од два милиони жители, иако пред само три децении земјава задоволуваше многу поголем пазар, ја хранеше цела Југославија.
Од земјоделските здруженија предупредуваат дека Македонија е пред закана да го изгуби производството и на оние производи по кои беше препознаена во регионот и во Европа и да остане обична суровинска основа што ќе ја користат други.
–Трговците, во многу наврати, ја злоупотребуваат македонската трговска марка и ги препакуваат и ги мешаат увозните производи со домашните производи. На тој начин, не само што се губи квалитетот на производите туку се губи и трговската марка по која македонските производи се препознаени во регионот и во Европа. Досега, во повеќе случаи беше потврдено дека во маркетите се продава ориз на кој стои дека по потекло е од Кочани, а е, всушност, од Тајван. Слична е состојбата и со тетовскиот грав, беровскиот компир, малешевско сирење, струмички домати… чиј идентитет се изгуби на зелените пазари, каде што веќе не се знае што купуваме и од каде е, изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
На овој начин, најголема штета се прави врз потрошувачите, бидејќи се злоупотребува нивната доверба во квалитетот и вкусот на производите, а земјоделците трпат огромни штети поради малверзации од страна на трговците.
Од Националната земјоделска мрежа апелираат до надлежните институции за построги контроли и за повисоки казни за оние што ги злоупотребуваат трговските марки на македонските производи.
– Имаме увоз на индустриска пиперка најмногу од Турција, која се увезува во пакети. Оваа пиперка не е класифицирана, има долг транспорт и квалитетот, секако, не е ист со домашната, која веднаш се продава. Во екот на најголемо производство, ние увезуваме и затоа не можеме да ги продадеме нашите. Кога имаме наше производство, не треба да се увезува, за да не падне цената. Турската пиперка е поевтина бидејќи имаат поевтини репроматеријали и поголеми стимулации од државата – вели за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Регионалниот сојуз на земјоделци од Струмица.
Тој додава дека освен пиперките од Албанија, Грција и Турција, се увезува и друг зеленчук кој порано ние го произведувавме, а сега потребите ги задоволуваме од увоз бидејќи немаме доволно наше производство.
Според податоците на Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија на Стопанската комора во Македонија, земјоделството, заедно со прехранбената индустрија, вработува 10 отсто од вкупно вработените кај правните лица и во вкупниот бруто-домашен производ на државата учествува со 18 проценти, од кои само земјоделството и рибарството со 12 отсто, а прехранбената индустрија со шест отсто. Со производство и преработка на храна во Македонија се занимаваат 7.100 претпријатија. Според други извори на податоци, во земјоделското производство и секторот агробизнис својот приход целосно или делумно го остваруваат речиси 435 илјади луѓе. Големите природни предуслови и постојната традиција, збогатена со новоразвиени вештини, создаваат различни можности во земјоделството, од високи планински пасишта, со висина над 2.000 метри, до богати долини на вода со медитеранска клима. Според статистиката, во нашата земја има повеќе од 800 регистрирани органски земјоделски производители главно насочени на производство на месо (јагнешко, овчо и козјо), на млечни производи, мед, житарки, вино, овошје и зеленчук.
(А. С.)












